речник контакт

Ќе добие ли Рацин сопствен гроб?

Се повеќе првиврзаници за предлогот Кочо Солев Рацин да добие сопствен гроб, лоциран во центарот на Велес, каде неговите почитувачи но и гостите во градот ќе можат да му одадат достојна почит.

Петар Печков

Се повеќе првиврзаници за предлогот Кочо Солев Рацин да добие сопствен гроб, лоциран во центарот на Велес, каде неговите почитувачи но и гостите во градот ќе можат да му одадат достојна почит. Ќе се исправи ли грешката од 1979-тата кога од партизанските гробишта во дворот на црквата Св.Пантелејмон, заедно со неговите соборци, посмртните останки беа свечено пренесени во Спомен Костурницата, каде и денес тој почива. Градоначалникот на Велес ја прифаќа оваа идеја и смета дека треба да се продолжи за нејзина реализација.

- Се согласувам со идејата на академик Ристовски, бидејќи Рацин е човек кој со своето дело заслужува да биде издвоен и затоа може и мораме како град да најдеме поадекватно место каде би се наоѓале неговите посмртни останки - изјави Горан Петров градоначалник на Велес. Тој остава простор за договор со семејството кое би предложило каде и како да се погребе Рацин. За владеачката ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, дилемата дали Рацин да има сопствен гроб, тие оставаат да реши државата - Министерството за култура и семејството, бидејќи неговото дело ги надминувало локалните рамки и бил дел од националната историја. За разлика од нив опозицијата СДСМ и ЛДП со конкретен став и поддршка на идејата, која ја туркале и пред некоја година, бидејќи Рацин заслужувал да добие сопствен гроб. Истата оваа иницијатива пред неколку години во Советот на општина Велес, кога требаше да се изгради гроб на Рацин, беше сопрена поради несогласувањето од страна на ВМРО-ДПМНЕ и велешките борци. И денес велешките борци со различни ставови.

- Ние продолжувачите на делото на борците сме за тоа Рацин да биде погребан во сопствен гроб. Но сеуште преживеаните борци не дозволуваат тој да биде преселен од Костурницата, бидејќи таму бил со неговите другари – вели Саздо Кицевски, претседател на Сојузот на борци на општина Велес. Идејата на академик Блаже Ристовски, промовирана на годинашниве Рацинови средби, со образложение дека Рацин не е сите да почива во заедничка гробница, ја поддржаа неговите браќа.

- Ова е паметен предлог. Многу учени што дошле во Велес и сакале да се поклонат на Рацин, се чудат кога ќе дознаат дека тој е погребан во заедничка гробница. - вели Александар Солев, брат на Кочо.  Посмртните останки на поетот и револуционер Кочо Солев Рацин за чија смрт на 13 јуни 1943 година  сеуште има контраверзи, се наоѓаат во мала просторија под централниот симбол на Спомен Костурницата, во заедничка гробница со неговите стотина соборци, во метално ковчеже. 

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »