речник контакт

Дали христијаните ќе го слават Божик во ист ден?

Догодина на Сеправославниот собор во Истанбул ќе се знае дали православните цркви и натаму ќе го празнуваат Божик на 7 јануари или со редефинираниот календар Христовото раѓање ќе се прославува на 25 декември

Петар Печков

На Сеправославниот собор кој треба да се одржи догодина во Истанбул се очекува да биде отворено прашањето за редифинирање на Јулијанскиот календар. Според информациите кои кружат во црковните кругови, веќе има предлози да не се прифати Грегоријанскиот календар туку, во рамките на православната црква, да се уточни Јулијанскиот календар. Во 2016 година, се очекува Православната и Римокатоличката Црква да ги отворат разговорите околку празнувањето на Христовото раѓање – Божик во ист ден. Двете цркви треба да се договорат и за ист термин за празнување на Христовото воскресение.

МПЦ-ОА, како и поголемиот дел од правoславните цркви се раководи според стариот Јулијански календар, а Римокатоличката црква и дел од православните цркви се водат според Грегоријанскиот календар.

Православните христијани, меѓу кои и верниците во Македонија, Христовото раѓање  го слават на 7 јануари. Католиците и дел од православните христијани веќе го одбележаа празникот Божик на 25 декември.

МПЦ, заедно со Руската, Српската, Полската, Грузиската православна црква, како и Ерусалимската патријаршија и манастирите на Света Гора, остануваат верни на Јулијанскиот календар. Православните верници, пак, во Бугарија, Грција и Романија го празнуваат Христовото раѓање по Грегоријанскиот календар, и Божик го прославуваат на 25 декември.

Разликите меѓу двата календара

Стариот Јулијански календар, според кој се раководи и МПЦ, бил воведен од римскиот император Јулиј Цезар во 46 година п.н.е, а бил изработен од александрискиот астроном и математичар Сосиген. Во 325 година од нашата ера на првиот Вселенски собор на тогаш единствената Христијанска црква во Никеја е одлучено да биде прифатен Јулијанскиот календар и по него да се сметаат значајните датуми од историјата на христијаните. И дел од црквите, меѓу кои и МПЦ, се’ уште се придржуваат на тој календар.

Според Јулијанскиот календар една година трае во просек 365,25 дена, што значи дека постои разлика помеѓу тропската година и времето запишано во јулијанскиот календар. Во него секоја четврта година е престапна, а 366-тиот ден се додавал во февруари кој бил последен месец во годината. Со Јулијански календар почетокот на новата година, што дотогаш бил во март, бил префрлен на 1 јануари.

Во овој календар има грешка со тоа што годината е подолга за 11 минути и 14 секунди, па според тоа на секои 128 години се создава разлика од еден ден. Во 16 век разликата достигнала 10 дена. Божик кој, според стариот Јулијански календар, бил на 25 декември, во седумнаесетиот век паднал на 4 јануари, во осумнаесетиот век на 5 јануари, во деветнаесетиот век на 6 јануари, а во дваесетиот век на 7 јануари. Според пресметувањето на математичарите, оние кои се раководат по Јулијанскиот календар, во 2101 година наместо на 7 ќе го слават Божик на 8 декември. Тоа е затоа што стариот Јулијански календар доцни зад соларниот еден ден на секои 128 години, што кај Грегоријанскиот календар се случува по 3300 години.

Поради прекумерните отстапувања од вистинската тропска година, во 1582 година по барање на папата Грегориј Тринаесетти бил направен нов календар.

Кога стапил насила во 1582 година биле избришани 10 дена од сончевата година. Така, последен ден од Јулијанскиот календар бил 4 октомври 1582, а прв ден од Грегоријанскиот календар бил 15 октомври 1582 година. Грегоријанскиот календар е сончев календар, зависи од вртењето на Земјата околу Сонцето. Според Грегоријанскиот календар секоја година има 365,2425 денови, секој ден 24 часа, секој час 60 минути, секоја минута 60 секунди.

Разликата меѓу Грегоријанскиот и Јулијанскиот календар е таа што Грегоријанскиот има 97 престапни години во секои 400 години, а Јулијанскиот има 100. Денес разликата меѓу Јулијанскиот и Грегоријанскиот календар изнесува 13 дена, а по 2100 година, ќе се зголеми на 14 дена.

Со воведувањето на Грегоријанскиот календар, календарската година е приближена на тропската најмногу до тогаш.

Кога папата Грегориј Тринаесетти во 1582 година го вовел новиот календар, веднаш го прифатиле Полска, Португалија и Шпанија, а набрзо и останатите католички земји. Протестантските земји го прифатиле Грегоријанскиот календар многу подоцна, а православните дури во 20 век, а до денес веќе и некои православни цркви (Грција, Романија, Бугарија) преминаа на овој календар, иако некои и понатаму се држат до стариот јулијански календар.

Прашањето околу Јулијанскиот календар ќе се отвори догодина на Сеправославниот собор во Истанбул, по што ќе се знае дали православните цркви и натаму ќе го празнуваат Божик на 7 јануари или со редефинираниот календар Христовото раѓање ќе се прославува на 25 декември.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »