речник контакт

Зградата тоне, кој ќе ја спаси?

Поради подземните води, зградата кај театарот тоне.

Петар Печков

Три месеци под вода се подрумите на зградата на улица Петре Прличко бр 22 во Велес, деновиве со скромни 10-тина сантиметри иако таа била и подлабока, стигнувала до 30-тина, па така се подриваат темелите на објектот. Поради ова станарите стравуваат дека зградата тоне а во прилог на ова нивно тврдење е што таа започна да напукнува на повеќе места. 

Заедничките скали, таванот, терасите се со знаци на попуштање на конструкцијата а во влезот и домовите мирис на влага и мемла. Зградата се наоѓа до театарот и Автобуската станица, на педесетина метри од реката Вардар.

Состојбата е алармантна, се на полошо оди. Ќе се сруши зградата поради тоа што подрумите подолго време се под вода. Само  годинава три пати пожарната, ЈКП Дервен и Центарот за управување со кризи ја испумпуваа водата, но таа повторно се собира. Ако вака продолжат работите зградата ќе се урне – велат преплашените станари од  двата влеза каде  живеат 22 семејства. 

Дека зградата тоне илустрираат со соседната куќа со која биле лепенка, но сега тие се одвоени неколку сантиметри. Слична е состојбата и во внатрешноста од становите. Станарите на сета мака, во шега велат, низ процепите можеме да се гледаме со соседите или слушаме што се говори. Водата од подрумите ја испитувале од ЈКП Дервен и констатирале дека не е од водоводната мрежна, ниту од канализациониот систем.

За да се отстрани секаков сомнеж за можен дефект, целосно ја затвориле водоводната линија од која зградата се снабдува со вода, но та продолжила да надоаѓа. Тие констатирале дека последните денови откако водостојот на Вардар е намален, водата во подрумските простории на зградата исто се намалила, што укажува дека се работи за подземни води. За поплавените подруми и тонењето на зградата преплашените станари го обвинуваат подигањето на  два инфраструктурни објекти во нивна близина.

Нашите маки започнаа после 2002-та кога беа подигнати споменикот на Гемиџиите и Мало мовче. За  нивните потреби  беше фрлено големо количество на земја со цел да се стабилизира теренот. Поради тоа, подземните води кои доаѓаа од високите делови на градот и минуваат тука, сега нема каде  да се влеваат во Вардар,  остануваат на ова подрачје и ги поплавија нашите подруми.

Ваков проблем немаат останатите станбени објекти кои се наоѓаат во близина, туку само нашата зграда. Тоа не се случуваше претходните 40-тина години. Затоа бараме помош од локалната власт и стручна и материјална – велат станарите кои со петиција се обратиле до Општина Велес.

Тие се избезумени и бараат чаре, за да не се случи  се што печалеле во животот да се сруши  и останат на улица, живеат во неизвесна иднина, што ќе донесе следното утро. За нивната мака знаат во локалната власт,  го испитале случајот, се согласуваат дека проблемот е сериозен и е потребна брза интервенција, но се оградуваат дека вината е кај нив.

Нашите истражувања покажаа дека зградата, во делот од подрумите, нема хидроизолација. Инвеститорот кога ја градел тоа не го сторил, па преку тоа преминала и комисијата за технички прием. Станарите  не се виновни, но грешката е сторена. За да не се собираат повеќе подземните води треба да се изгради  дренажа и одвод – велат од Општина Велес.

Тие ја отфрлаат можноста дека поради нанесувањето на земја за  подигнувањето на двата објекти изградени во 2002-та, подземните води сега се собираат во подрумите на зградата на улица Петре Прличко бр 22. Велат дека тоа се несериозни обвинувања, бидејќи тие поставиле тампон кој има пропусна моќ и не ја задржува водата, па таа не се собира во подрумите поради изведените градежните зафати, туку поради  неколкуте дождливи години наназад.                                                               

АНКЕТА »

Дали имате доволно време да му посветите на Вашето дете/деца?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »