речник контакт

Има ли Македонски бренд?

Тетовското гравче, беровскиот компир, преспанското јаболко, сирењата и галичкиот кашкавал чекаат да бидат заштитени според географското потекло.Македонија е препознатлива по аналгин, кафетин, скопско пиво, витаминка

Петар Печков

Во две децении самостојност Македонија создаде неколку десетици брендови, но и тие тешко се пробиваат на странските пазари. Едно неодамнешно истражување покажа дека меѓу првите 25 брендови од земјите од поранешна Југославија нема ниту еден македонски. Таму не препознаваат по Кафетин“, „аналгин“, „скопско пиво“, „витаминка“ се дел од македонските брендови што успеаја да ја надживеат поранешна Југославија, федерацијата во која беа создадени.


Тетовско гравче, беровски компир или преспанско јаболко. Секој барем еднаш пробал и се уверил во вкусот и квалитетот. Што е попознато, малешевското сирење или охридската цреша? И првото и второто се синоним за квалитет, но и препознатлив белег на регионот во кој се произведуваат. За квалитетот на македонската храна секаде се зборува, но македонските прехранбени брендови тешко се препознаваат надвор од државата. Освен кочанскиот ориз, кривопаланечкиот мед, македонскиот ајвар и виното од Дисан, ниту еден друг производ не е меѓународно заштитен според неговото географско потекло. Прекрасните македонски сирења, галичкиот кашкавал, планинскиот чај од Галичица или некои од домашните вина се' уште чекаат некој да ја почне процедурата пред домашните и меѓународните институции. Речиси секој регион во државата дава нешто посебно, производ со уникатни карактеристики и квалитет. Експертите порачуваат тоа да се искористи и од сите нив да се направат брендови по кои ќе се препознава државата. Тоа не е ништо ново и досега го направиле многу земји кои имаат многу помалку адути од Македонија. Корисниците, особено кога купуваат производ од увоз, сакаат да го знаат потеклото, а заштитените производи имаат маркетиншка предност пред другите. Тие на купувачот му нудат поголема сигурност дека купува безбеден и квалитетен производ. Многу брзо тој производ станува синоним на целата област, па и на државата. Така на пример, кога се зборува за Тоскана, веднаш се помислува на вино.
„За македонската храна секогаш се зборува во суперлативи. Странците ја обожаваат, но неопходно е да ја препознаваат дека е од Македонија и кога ќе ја купуваат во нивната држава“, коментираат експерти. Преку Државниот завод за индустриска сопственост, а од пред две години и преку Министерството за земјоделство можат да се заштитуваат домашни прехранбени и земјоделски производи според географското потекло. Досега постапката на меѓународно ниво е завршена само за четири производи меѓу кои се кочанскиот ориз и ајварот. Национална заштита имаат и малешевското сирење, охридскиот чај и тетовскиот грав. Струмичката мастика, пак, е заштитена како трговска марка. За сите други производи, кои доаѓаат од специфични региони, се' уште се чека иницијатива.
„Пријавите за заштита на географското потекло треба да стигнат од производителите кои имаат намера да прават производи од определен регион и според утврдени рецепти и ниво на квалитет. Од нив почнува процедурата пред домашните, а потоа и пред меѓународните институции“, објаснуваат во Државниот завод. Македонија е потписник на Лисабонскиот договор во рамките на Светската организација на интелектуална сопственост. Со тоа се обезбедува признавање и заштита на македонските прехранбени брендови во голем број земји во Европската унија и во светот кои се дел од овој договор. Постапката за заштита на брендовите воопшто не е комплицирана, ниту пак скапа. За секој од четирите македонски заштитени производи сме платиле околу 500 франци. Поголемиот проблем, според надлежните, лежи во немањето иницијатива од производителите.

„Македонски ајвар, како заштитен бренд, произведува само една компанија од Велес, благодарение на која тој е регистриран како производ од овој регион“, велат во Заводот. Ајвар, инаку, имаат и Србите, Хрватите и Словенците. Србија има дури 43 заштитени производи според географското потекло, а еден од најстарите и најпознатите е лесковачкиот ајвар. Хрватска има десетина заштитени брендови, меѓу кои најпознати се: славонскиот кулен, истарската пршута, славонската ракија и славонските џимиринки. Крањските кобасици, пак, се еден од напрепознатливите брендови на Словенија, а заштитени се и помурската гибаница и истарското маслиново масло.

АНКЕТА »

Дали користите велосипед во Велес?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »