речник контакт

Имињата на велешките маала, друго толкување

Којник, Бузаана, Јурија, Прцорек, Јаниташ, поинакво толкување на имињата на овие велешки маала. Наш читател ни испрати и разгледница од велешкиот парк во 1963-та година, како тој тогаш изгледал

Петар Печков

По ретро текстот ова лето за Велешките маала, се јави велешанецот Љупчо Данов. Тој има свое толкување за имињата  на велешките маала, кое го потпира на неговите читање на турските документи. За потсетување текстот објавен летово беше врз основа на кажувањата на Славко Николовски  историчар и долги години директор на Велешкиот Архив, од каде тој ги црпел неговите сознанија. Заради читателите еве ја можноста да прочитаат и едно друго толкување на дел од маалата обележја на Велес.

Јани-таш  е турски израз кој означува Карпа на сомовите, а не Карпа за фаќање сомови. Имено,под Јани таш постои природна пештера, под карпата долга 10 а широка 4 метри,во која на длабочина од 5-6 метри си лежеле во секое време по 5-6 сомови над 100 кг и должина барем 3 метри.Ова како предание се пренесува одамна од месните жители на Долни пат (а не Долни дуќани). Дури има приказна дека имало загинато две деца под таа карпа под која наводно имало и вртлог и тие никогаш не се најдени. Тие биле братчиња на 12 и 14 години и помалото братче се задавило и почнало да тоне.Поголемиот брат влегол да го спасува ,ама никогаш повеке не излегле од Вардар. Родителите организирале и потрага,платиле и пари,дошле нуркачи и добри пливачи оддалеку,ама не успеале да ги пронајдат телата.Неколкумина од спасителите ги виделе сомовите и се исплашиле од глетката,па ги советувале локалните жители да не се бањаат кај карпата.

Името Којник не доаѓа од Појник. Којник  доаѓа од Крајник. Тоа е христијански ,а не турски назив за ридот кој во тоа време не бил населен.Тоа била последна точка или крај на градот бил овој рид и за тоа го нарекувале Крајник. Именo, велешката чаршија се протегала од  Стариот мост и која започнувала од  Долни пат, преку Долни дуќани, Фурните па се  до учичиштето Св.Кирил и Методиј и се спуштала до Старата аптека, на десната страна на Вардар. На левата страна од Црна џамија, Пазарот се до Прцорек. Турците не дозволувале христијани да се населуваат во рамниот дел на Велес,ами само по ридовите,на стрмните места.Името на ридот Крајник се трансформирал  во Кројник (поради неточната турска дескрипција),а потоа она Р исчезнало кога некој жител на Велес не можел да го изговори па станал називот – Којник.

Исто и името Прцорек (Брзорек) не потекнува од брзаците на Вардар.Вардар тука бил широк,спор,завртувал кај денешен Железен мост и не можел никако да биде брза река,барем не тука.Најчесто од кривината кај Железен мост започнувало излевањето и поплавите кои Вардар ги правел во Велес,во самиот град.Името Брзорек дошло ,како што се сложил на едно место и Џинот,  од брзите потоци вода кои се формирале и потекувале од ридот надолу при секој поголем пороен дожд. Се формирале неколку големи порои кои носеле се пред себе и има податоци во турски архиви дека неколкупати овој брзорек (јазична целина која се преведува од турскиот јазик) носел цели куќи се до коритото на реката Вардар.Овој рид бил некогаш пошумен,но дрвјата биле исечени од населението,ама и од властите поради навлегувањето на качачките банди преку шумата во градот. Властите исекле еден голем појас од дрвјата околу градот за да имаат преглед за евентуален упад на пљачкашите .

Јурија(слобода- јуријет) означува место каде децата слободно си играле без да бидат грабнати или малтретирани од страна на  Туците.Имено,Турците не им дозволувале на христијаните да се населуваат во центарот на градот,туку на Крајник(Којник),на Мегдан и  Долни дуќани. Често христијанските децата биле крадени,носени како робје,јаничари,биле потурчувани. Затоа велешани ретко пуштале свои деца на Пазар или во Чаршија.Тие си направиле свој паралелен центар на ридот Крајник (Којник).

Буз-аана(мразаана,мразара,мразарница) означува место каде се правел и чувал  мраз.Најголемите мразарници се правеле на Бузаана  и од таму со колски коли,завиткани во конопено платно и слама се разнесувале до хотелите,гостилниците,кафеаните.Се до 1950 година.

Сармаале, првобитно, кога се поела тука стоката имал друг назив – Јаворите. Дури има податок дека во близина на јаворите течел Вардар.Јаворите се стари 200-250 години според некои податоци.Ама во стари турски архиви стои дека некогаш биле 4 јавори и двата поголемите властите ги исекле една зима кога студот бил толку голем што и Вардар замрзнал .Подоцна, Срмаале станал  назив  за сточен пазар и многуте сарачки дуќани кои биле тука сконцентрирани.
Имам  и некои други податоци кои кажуваат дека пред опожарувањето на Безистенот (покриениот пазар), внатре  постоела голема јавна куќа. Властите не дозволиле таму повторно да се изгради јавна куќа, поради се почестите кавги ,тепачки и срамотилаци,кога велешките жени си ги барале и бркале своите сопрузи од таму до дома,ами таа *дејност* ја префрлиле тука и местото го нарекле Срамаале ( маало на срамот), каде постоеле неколку јавни куќи подолго време.

До овие  податоци кои ги црпам преку  свои извори директно од турски архиви и документи до кои доаѓам преку лични контакти и познанства.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »