речник контакт

Како се чуваат ретките и ракописните книги во НУБ „Свети Климент Охридски“?

НАЈВРЕДНИТЕ КНИГИ СЕ ЧУВААТ ВО СПЕЦИЈАЛНИ ПРОСТОРИИ ПОД ПОСЕБЕН РЕЖИМ!

Петар Печков

Само десеттина од најзначајните македонски артефакти, кои, се разбира, имаат непроценлива вредност, доколку сепак некој сака да ги изрази во пари вредат над две милијарди евра. Ако она што е останато во Македонија како артефакт, вреди неколку милијарди евра, тогаш колку вреди она што досега е однесено од неа на разни начини и по разни патишта, или пак она што е уништено поради несоодветно чување и заштита?

Иако како народ се чини засекогаш сме осиромашени за огромно културно богатство, меѓу другото и многу артефакти од нашите археолошки локалитети, сепак Македонија се' уште има значајни предмети, фигури, бисти, статуи, икони, накит, книги и слично со непроценлива вредност. Ваквите скапоцени артефакти пронајдени кај нас се чуваат во Музејот на Македонија, во Музејот во Охрид и Музејот на град Скопје, во НУБ „Св. Климент Охридски“ и во  Државниот архив на Република Македонија.

НЕПРОЦЕНЛИВА ВРЕДНОСТ

Во скапоценото македонско културно-историски богатство спаѓаат и скапоцените ракописни и ретки книги од трезорот на НУБ „Свети Климет Охридски“.  Според директорот Миле Бошески,  во Библиотеката се чуваат три милиони библиографски единици, меѓу нив еден милион монографии и секако скапоцената збирка на ретки книги, заштитата според сите  законски прописи што важат за обезбедување и заштита на ваков вид културно богатство.

Нашата библиотека има постојана чуварска служба, која континуирано физички го обезбедува  комплетниот објект, но го контролира и противпожарниот  систем. Исто така, веднаш кога јас дојдов за директор на библиотеката, воведовме  видео-надзор на библиотеката, па сега  голем број камери го покриваат објектот непрекинато во текот на денот и ноќта. Освен тоа, највредните наши книги, ретките и ракописни примероци со кои располага библиотеката, се чуваат во специјални простории под посебен режим. Бидејќи тие не се во таканаречениот општ фонд за нив е одговорен еден човек, кој има постојан увид во состојбата на ваквите исклучително вредни книги. Освен овие книги што се сместени во посебна просторија, со посебни услови за чување, имаме и одреден број изданија кои спаѓаат во редот на многу ретки или единствени примероци во светот, па ваквите книги се чуваат во посебни ормари, кои можат да издржат секаков пожар.

Во оваа збирка, освен ретки и ракописни книги, поседуваме и исклучително вредни  примероци во ориенталната збирка, кои, исто така, имаат голема, непроценлива вредност. Во новиот дел на библиотеката, покрај вообичаените постапки за заштита на нашето книжевно богатство, во две специјални простории за ретки и ракописни книги има и специјални сензори. Значи, заштитата на книжевното наследство што се чува во  НУБ „Свети Климет Охридски“ е на највисоко можно ниво,  односно прашањето го имаме решено на највисоко професионално ниво, вели директорот на НУБ „Свети Климет Охридски“, една од неколкуте врвни институтции во државата, која поседува дел од највредното културно богатство на Македонија.

Според Бошески, никој освен надлежните институции за чување на  ваков вид национално богатство, не можат да обезбеднат соодветна заштита, затоа што немаат услови за тоа. За жал, поради нечија негрижа или инает, смета тој, под разни околности досега нашата држава има изгубено значаен дел од своето културно богатство, почнувајќи од она што е однесено со кражби, но и она што е уништено од времето, или разни несреќи или катастрофи. Само во последните неколку децении од македонските манастири, затоа што нема соодветна заштита и обезбедување, однесени се или уништени  десетици скапоцени инкони, но и  исклучително вредни оригинални, ретки книги.

СТРОГИ ПРАВИЛА ЗА ЧУВАЊЕ ОРИГИНАЛИ

За да не бидеме паметни само откако ќе се случи несреќа, каква што се случи, на пример, во манастирот „Свети Јован Бигорски“, брзо, час поскоро, треба да воведеме строги правила во врска со тоа што, каде и под какви услови треба да се чува. Таму каде што нема такви услови, мора да се задржат само копиите на вредните работи, а оригиналите мора да бидат обезбедени на сигурно и соодветно место. Значи, ако некој манастир има вредни книги во библиотеката, треба да ги депонира  во  нашиот сектор за ретки книги, а ние ќе им овозможиме да имаат копија на истата книга направена според највисоки стандарди, односно примерок кој ќе биде соодветен, сосема автентичен со изработката, и со квалитетот на изработка со сегашните најсовремени техники за оваа намена, со оригиналот.

Се разбира дека црквата, пак, ќе биде сопственик на нејзините ретки книги, но тие ќе се чуваат кај нас. Сметам дека сега е  време да се покрене иницијатива со која заедно со државата сите вредни примероци на ретки, вредни книги ќе се депонираат кај нас. Инаку, ние, како библиотека, имаме покренато иницијатива за донесување закон со кој ќе се регулира сето она што има статус на  книжевно културно наследство, значи сето она што е во цркви, несоодветни институции, разни локални музеи и слично да се заведи и да се документира, а потоа оригиналите да се депонираат кај нас, со тоа што секој ќе си остане сопственик на тоа што е негово. За тоа ќе потпишеме и договори, а наша обврска ќе биде на сите да им обезбедиме копии, а оригиналот да се сочува за идните генерации во нашите специјални услови за таква намена. На овој начин не само што ќе се заштитат, туку сите ретки книги ќе можат и да се дигитализираат за да се зачуваат за иднината.

Секако истовремено сакаме да ја пробудиме и свеста кај некои поединци во државата кои во своите домашни библиотеки чуваат исклучително вредни книги, кои многу лесно можат да бидат изгубени засекогаш, односно тие да изгубат нешто што го чувале со генерации, а државата дел од своето  скапоцено книжевно богатство. Затоа како директор на НУБ „Свети Климет Охридски“ апелирам сите што имаат такви книги, а јас лично имам видено навистина скапоцени примероци во неколку приватни збирки во Скопје, но и во Струга, Охрид, Прилеп, Битола и во други градови во земјава, да ги отстапат на специјалната збирка кај нас, со тоа што, повторувам, ќе добијат копија од оригиналот и договор дека тие книги остануваат во нивна сопственост, а само се отстапени на чување во соодветни услови кај нас, во нашата библиотека,вели Бошески.

СПЕЦИЈАЛЕН РЕЖИМ ЗА ДВЕСТЕ И ШЕЕСЕТ КНИГИ СО НЕПРОЦЕНЛИВА ВРЕДНОСТ!

За да ги зачува од евентуално несовесно користење, но и од некаква непредвидена несреќа,  НУБ „Свети Климент Охридски“ во својот фонд за таканаречена ограничена употреба ги чува ретките и  ракописни книги кои ги има во библитеката во оригинал. Станува збор за скапоцени уникатни примероци, кои можат да се користат само со специјална дозвола и со посебен надзор. Меѓу милионите книги во библиотеката, само фондот за ретки и ракописни книги има специјален режим за користење. Станува збор за скапоцени примероци на оригинални ракописи, пишувани на  пергамент и хартија, односно  280 ракописни книги, претежно со црковна содржина, со разни редакции, како што е македонска, српска или црковнословенска.

Сите се пишувани со специјално мастило од 13. и 14-ти век, односно направени се анализи на мастилото  со кои е утврдено дека станува збор за нерастворливо мастило. Меѓу поинтересните ракописи секако е  таканареченото Бенчевско четвороевангелие од 14-ти век, каде што има  минијатури на евангелистите Матеј, Марко, Лука и Јован. Токму за да ги видат овие четворица евангелисти, во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје доаѓаат многу научници од разни страни на светот.

Станува збор за огромно богатство што го поседува само нашата  национална библиотека. Сепак, најстар ракопис е таканаречениот Посен триод до 13-ти век, со дел од приказната за Соломон. Оттука сосема е разбирливо зошто мора да се има ограничен пристап кога станува збор за овие 260 ретки книги што ги поседува Библиотеката.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »