речник контакт

Колку вкупно злато има на светот?

Вкупната количина на злато на светот, злато над површината на земјата, би се содржела во една коцка со должина на страните само од 20 метри.

Петар Печков


Веќе со векови златото се смета за најскап метал и една од најсигурните инвестиции во кризни времиња, но неговата количина на Земјата сепак е ограничена.

Ако го стопиме целото злато на светот и од него направием една голема коцка, колкава би била?

Кога некој би успеал да го собере целото злато на светот и да го стопи во една златна коцка, која големина би ја имала коцката? 100 кубни метри, можеби дури и илјада?
Всушност, веројатно ни блиску до тоа.

Ворен Бафет, еден од најбогатите инвеститори на светот, вели дека вкупната количина на злато на светот, злато над површината на земјата, би се содржела во една коцка со должина на страните само од 20 метри.

Но, дали тоа е навистина целото злато кое постои? И ако е така, како тоа да го знаеме?
Бројката која ја користат инвеститорите во светот доаѓа од компанијата Томсон Ројтерс ГФМС, која спроведува годишно истражување на резерви на злато во светот.

Според нивните најнови истражувања, на светот постојат 171.300 тони злато, што речиси идеално се вклопува во пропорциите на коцката која ја замислил Бафет: коцка направена од 171.300 тони злато би била со должина на страните од околу 20,7 метри.

Но, не се согласуваат сите со проценките на компанијата Томсон Ројтерс. Други проценки варираат од 155.244 тони, додека нешто помалку од нивните бројки, до речиси 16 пати повеќе: 2,5 милиони тони.

Ако оваа поголемата бројка е точна, од целото злато на светот може да се направи коцка со должина на страните од 50 метри, или на пример еден голем златен столб во висина од 159 метри.

Се поставува прашањето зошто овие бројки драстично се разликуваат.

Еден од одговорите лежи во фактот што златото се ископува многу долго, според мислењето на историчарот Тимоти Грин, над 6.000 години.

Првите златни пари биле исковани во околу 550 година пне, за време на владеењето на Крез, последниот крал на античка Лидија, провинција во денешна Турција. Поради неговото исклучително богатство и ден денес во многу јазици постои изреката – Богат како Крез. Овие златни пари многу брзо станале прифатени како начин на плаќање кај трговците и најмените војници во Медитеранот.

Се проценува дека до 1492 година, кога Коломбо запловил кон Америка, екстрахирани биле околу 12.780 тони злато.

Али Џејмс Турк, основач на компанијата Голд Мани и инвеститор кој ги проучувал истражувањата од оваа област, овие бројки ги смета за прецените проценки.

Тој верува дека примитивните техники на ископување на златото, во употреба се до Средниот век, овозможувале многу помали количини на финални производи, па во однос на тоа реалната бројка изнесувала само 297 тони.

Проценката на Турк за вкупната количина на светското злато изнесува 155.244 тони, што е околу 10 отсто помалку од проценката на компанијата Томсон Ројтерс.

Сепак, многу експерти сметаат дека оваа бројка е премала. На пример, само ковчегот на Тутанкам содржи 1,5 тони злато, а голем број на гробници се отворени и крадени пред историчарите да стигнат да направат било каков список за нивните богатства.

Експертите исто така укажуваат на фактот дека Кина не открива точни бројки за тоа колку злато поседува и колку ископува секоја година. Дури во некои земји како Колумбија постои и доста илегално ископување.

Според проценките на организацијата Голд Стандард Институт, кога би ги испразниле сите банки и сите кутии за накит, би нашле помалку од 2,5 милиони тони злато, иако оваа бројка тешко може да се докаже.
Кој е тогаш во право?

Всушност нема начин да се определи

На крајот на краиштата, сите бројки се направени од проценки, додадени проценки кои се потпираат на уште повеќе процени. Можеби сите бројки всушност се многу далеку од вистината.

Добри вести се дека светот нема да остане без злато во брзо време. Според проценките на американското геолошко здружение, на веќе познатите наоѓалишта преостанале само околу 52.000 тони злато, кои треба да се ископаат, а можно е да се откриваат уште нови наоѓалишта.

Интересен е податокот дека златото всушност се рециклира. Целото злато кое некогаш било ископано и понатаму се наоѓа во употреба во денешно време. Тоа значи дека, ако имате златен часовник, можно е некои негови делови да ги ископале старите Римјани пред 2.000 години.

текстот е преземен од Нешнл џеографик

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »