речник контакт

Македонија ја декласира Швајцарија во футсал 10:2

В недела на средбата со Франција, во салата Гемиџии во 19 часот, ќе се решава кој ќе оди во следната фаза од квалификациите за Светското првенство.

Петар Печков

 Македонската футсал репрезентација ја декласира селекцијата на Швајцарија со 10:2, полувреме 5:2. Ова беше натпревар од второто коло од групата ,,Е,, која се игра во Велес, од претквалификациите  за СП кое догодина ќе се одржи во Тајланд.

Почетните минути од натпреварот не ветуваа дека Македонија лесно ќе се справи со аутсајдерот Швајцарија, бидејќи гостите преку две контри  во 15-тата минута водеа со 2:0. Резултатскиот пресврт дојде за четири минути, кога македонските репрезентативци  со пет гола во серија, ја анулираа негативата од два гола,  и поведоа со 5:2, со кој резултат завршија првите 20 минути.

Средината на второто полувреме репрезентативците на Македонија со одлична игра, повторно за четири минути, од 29-та до 32-ра, постигнаа четири гола со што стигнаа до високи 9:2 а во финишот преку Левески за голема радост на бројната публика и до конечните 10:2.

Головите за Македонија ги постигнаа Ранготов 3, Тодоровски и Љубомир по два, а Митровски, Левески и Петровиќ по еден. Кај гостите стрелци беа  Фачинети и Патера.    Средбата се одигра во салата Гемиџии пред илјада гледачи, кои во поголемиот дел од натпреварот добро се забавуваа со ефектните потези на македонските репрезентативци.

Во првиот натпревар од второто коло Франција едвај, со гол на 15 секунди пред крајот ја победи селекцијата на Црна Гора со 4:3, во возбудлив и неизвесен натпревар. Црногорците  водеа со 1:0 и 2:1 и од 30-тата минута игра и со играч помалку, а Французите не реализираа и два пенали во последните десет минути.

По ова второ коло, во групата ,,Е,,  Македонија и Франција имаат по две победи, но нашата селекција со подобра гол разлика е прва, додека трета е Црна Гора а последна Швајцарија, и двете селекции без бодови. Утре, сабота е слободен ден а в недела ќе се одигра третото коло, по кое ќе се знае патникот во следната фаза од натпреварите.

Тоа ќе го решава средбата помеѓу Македонија и Франција, која е на програмата од 19 часот а претходно во 16,30 во меч без натпреварувачко значење ќе играат Швајцарија и Црна Гора.

Победникот од овој претквалификационен турнир ги продолжува натпреварите, додека второпласираниот ќе ги чека резултатите од четирите групи, од каде двете најдобро пласирани  ќе играат во следната фаза.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »