Петар Печков
Објавено: сабота, 23 јуни 2012
По 15 години отсуство, Ѓоре Петровски кој е обвинет дека е нарачател на убиство во велешкото Ореше, се врати во селото. Но не по своја волја и желба, туку заради реконструкција на настанот кој се случи на 2-ри декември 2005-тата година. Овој пат со лисици на рацете сред село и беше само нем сведок на тоа како судските органи се обидуваа да го реконструираат настанот од пред шест и пол години кога беше убиен старецот Лазо Милошевски. Малкумина соселани на Ѓоре остварија контакт со него, селскиот продавач Ѓоре, школскиот другар Горан со кого за заедно учеле осум години и толку.
Останатите како незаинтересирани седеа дома на балконите од трошните куќи и кришум поткраднуваа под око што се случува на местото од каде беше пукано, а каде беше бројната судска екипа, бранителите, вештаците. Реконструкцијата на убиството, кое никако да се разреши, беше побарано од страна на Апелација. Обвинетите дека се сторители браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски во два наврати, со пресуда добија по 12 години затвор, која беше укината. Тие беа во селото, но одбија да учествуваат во реконструкцијата.
Реконструкција во превод е повторно прикажување на настанот како се случил. Љупчо и Ордан не дојдоа бидејќи ние тврдиме и така е, тие не биле што пукале од ова место. Ако ние ги доведовме тука и учествуваа во настанот, ќе потврдевме дека тие пукале, што не е точно. Од реконструкцијата се утврди место од каде е пукано, местата каде се оставени траги, каде се најдени чаурите, дека е пукано рафално и истрелани се два куршуми. Едниот низ прозорот завршил во телото на старецот а вториот во ѕидот од куќата – рече Марјан Витановски бранител на браќата Ѓеоргиевски.
Според обвинението Петровски, кој живееше во САД сакал да му се одмазди на убиениот старец, бидејќи сметал дека тој пред неколку години пукал во него и го ранил. За ова Петровски ги најмил браќата Ордан и Љупчо Георгиевски кои за сума од 20 илјади долари го извршиле убиството на 2-ри декември 2005-та година во 20,45 часот, додека Лазо Милошевски (71 год) подготвувал вечера во неговиот дом. Бранителот на Петровски смета дека оваа реконструкција нема да даде нови значајни моменти во расветлувањето на чинот на убиството.
Најважниот одговор на прашањето кој пукаше и натаму го нема. Се останато се потврди а и претходно не беше спорно. Се докажа нашата теза дека не е можна верзија на обвинителството, дека сторителот потоа бегал од задната врата бидејќи физички од таму тоа не е можно. Тоа зборува за многуте дупки во обвинителниот акт кои и по толку време се уште постојат – рече Коста Нојков адвоката на гастарбајтерот Ѓоре Петровски.
Тој пред една година беше префрлен во Македонија, откако во САД мина две години во имиграциски притвор, бидејќи немал дозвола за престој. Сосетката чија куќа се наоѓа помеѓу местото од каде е пукано и куќата на Милошевски, се потсетува на критичната вечер.
Беше вечер пред селската слава Пречиста. Точно го памтам саатот, беше 15 до девет кога слушнав два истрели. Излегов веднаш на балконот, но никој немаше на сокакот кој е под мене. Додуша беше темно, не работеа селските светилки. Тогаш излезе и комшивката од другата куќа, но никого не видовме. Памтам дека иако имаше истрели, селските кучиња не лаеја – вели Ѓурѓа.
На прозорот од куќата на Лазо Милошевски и по толку години сеуште стои дупката од куршумот кој го погодил старецот во рамо, а потоа со рикошет повредил повеќе внатрешни органи по што Лазо искрвавел и починал. Во неа денес живее неговата внука од брат, Соња со сопругот Вељо. Тие ја потврдуваат приказната дека полицијата во зимата 2005-тата не спровела квалитетна истрага, поради што предметот сега се развлекува по судот.
Следниот ден по настанот полициски службеник ни кажа дека на местото од каде е пукано е најден отисок од чевла – чизма ,,Планика,,. Таа ја носеа тројца луѓе во селото, сите ги знаат кои се. Подоцна овој податок никаде го нема во случајот со убиството со дедо ми. Полицаецот кој ни го кажа сега не сака за зборува на оваа тема, избегнува – вели Соња Арсовска.
Таа потсетува дека со двајцата обвинети Љупчо и Ордан се први братучеди а тие доаѓале често на гости кај Лазо дома, таму и спиеле. Присуството на бројните судски претставници во Ореше, жителите на селото, сведоците го искористија да ги побараат парите кои им ги должат за тоа што патувале да сведочат. Велат дека три пати доаѓале во Велес а по три години ни денар не добиле, а во селото нема од што да се живее и затоа си ги бараат трошоците да им се исплатат што поскоро. Судијата им објасни дека тоа не зависи од него.
Tweet |