Петар Печков
Објавено: среда, 07 март 2012
ЈКП Дервен го бара од градот просторот пред Градскиот пазар каде се дивите тезги, за да се воведе ред и сопре сивата економија во Велес. Раководството на велешкото комунално претпријатието смета дека на овој начин ќе им се застане на пат на препродавачите, кои на тој начин прибираат значајни средства а не плаќаат ништо кон државата и градот. Затоа бараат од локалните власти неколкуте стотини метри квадратни, каде во пазарните денови се лоцирани овие диви ,,тезгаџии,, да им се дадат нив на користење.
Паркинг плацот на главниот пазар, доколку се додели на ЈКП Дервен, во пазарните денови, ќе се отстранат дивите продавачи. Овој простор во вторник, петок и недела ќе се користи како пазар а во другите денови би бил паркинг простор, како и сега. Така ќе имаме контрола на површината и ќе можеме да ги отстраниме и ќе создадеме ред. Голем проблем во работењето на пазарите ни претставуваат дивите продавачи околу пазарите, кои создаваат неред а од ден на ден ги има се повеќе. Покрај нередот кои го создаваат, истите се нелојална конкуренција на совесните продавачи, бидејќи не подлежат на давачки. За овој проблем што поскоро да се реши во иднина треба да се преземаат соодветни мерки со надлежните инспекциски служби и полицијата – вели Драган Дамјановски од ЈКП Дервен.
Згора на тоа комуналците мораат да го чистат сметот кои овие лица го оставаат зад себе од стоката која ја продаваат а за тоа не плаќаат ниту денар. Од дивите препродавачи проблеми има и РЕ пазари при ЈКП Дервен, легалните продавачи на пазарот и државата. На местото за педесетина автомобили, во пазарните денови има исто толку импровизирани тезги, а храна се продава на картонски кутии или по земја.
Сите три влеза на Градскиот пазар се окупирани од овие нелегални продавачи. За секој што сака да купува мора да мине низ нивниот шпалир па потоа да дојде кај нас. Не плаќаат ништо ни на Дервен, ни на државата а собираат значајни средства. Борбата која министерството за економија ја најави против сивата економија ја поддржуваме, треба да започне што поскоро токму од овој простор во Велес – вели Стојан Петров продавач на велешкиот пазар.
Проблеми со просторот каде се лоцирани дивите тезгаџии имаат и повеќе стотина ученици од двете основни училишта Благој Кирков и Јордан Хаџи Константинов Џинот, под чии прозори се препродавачите а вревата жагорот не дозволуваат да се одвива нормално наставата. И тие бараат да се запре ваквата лоша пракса, бидејќи се користат санитарните јазли во училиштето, заедно со учениците а службениот влез за зградата е окупиран, па се користи задната врата.
Овие нелегални препродавачи се лоцирани на еден од малкуте, вкупно четири, паркинг простори во градот, со што се узурпира место кое е дефицитарно во Велес. Пред неколку години поради узурпираниот паркинг простор си заминаа заинтересираните инвеститори кои сакаа со јавно-приватно партнерство да учествуваат во градењето на покриен пазар во градот.
Tweet |