Петар Печков
Објавено: четврток, 09 јануари 2014
Иако под заштита на општината и прогласен за споменик на природата, јаворот кај Маалска се уништува. Доказ за ова е големата дупка во внатрешноста, изгорениот дел, но и пишувањето на имиња на него. Жителите од тој дел на Велес, околу раскрсницата на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент Охридски, бараат општинската власт да преземат мерки, да се застане на пат ова вандалство.
Подолго време некои несовесни сограѓани доаѓаат, земаат од срцевината и си одат. Им требала за нешто, а не сакаат да ги слушнат нашите реакции дека дрвото е заштитено. И еве од таа мала дупка до каде дојде. Затоа локалните власти нека преземат мерки да се сочува, да не се случи некоја поголема беља – велат жителите од Маалска.
Несовесното однесување на луѓето и натаму продолжува, реакциите на соседите се беспредметни. Од локалната власт велат дека јаворот е заштитен со закон и затоа тие побарале мислење од експертите, за неговата состојба.
Општина Велес се обрати до Управата за животна средина, сектор – природа, за должностите и заштитно-санитарните мерки за зачувување на јаворите кои се прогласени за “Споменици на природата”. Управата испрати допис во кој укажа на мерките кои треба да се спроведат. Комисија ќе изврши процена на сите заштитени јавори и ќе предложи мерки кои ќе бидат појдовна основа за планирање на буџетски средства во Програмата за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина за 2014г. за спроведување на заштитата. Општина Велес за решавање на овој проблем нема стручни лица од оваа проблематика и затоа ќе се обрати до Шумарскиот факултет во Скопје за помош – изјавија од локалната власт на Општина Велес.
Тие најавија дека и во наредниот период ќе продолжат со поставување на табли за некролози со единствена цел да се заштитат и останатите споменици на природата од оштетување, откако велешани нив ги користеа за закачување на некролози. Затоа пред стариот јавор во центарот на градот се поставија информативни табли.
Со одлука на Собранието на Општина Велес од 1989 година, во градот осум дрвја јавори се прогласени за споменици на природата. Тоа се двата во црквата Св. Пантелејмон, двата на плоштад Сармаале, по еден кај Варналиите, кај Маалска чешма, кај Саатот и на Којник, како и тој во дворот на манастирот Св.Димитрија.
Со оваа одлука се забранува сечење и кастрење на дрвјата или гранките, се забранува лепење плакати, реклами или некролози, се забранува палење на оган во нивна близина. Заштитени споменици на природата се и платаните, јаворите по текот на Бабуна од Пешти до вливот во Вардар, како и по текот на Тополка од Превалец до вливот во Вардар.
Tweet |