Петар Печков
Објавено: понеделник, 23 април 2012
Екс Владиката Јован купува време и го пролонгира судскиот процес кој се води во велешкиот Основен суд. Тој не дојде на денешното рочиште со оправдување дека е болен, но неофицијалните информации велат дека Јован давал отпор при обидот да биде пренесен во Велес. Доколку не добие правосилна пресуда до 9-ти јули годинава, за делото затајување тешко 325 илјади евра, тоа ќе застари.
Јован Вранишкоски побара одлагање бидејќи е болен, за што бил прегледан од затворскиот лекар. Шпекулативни се информациите дека тој го одолговлекува процесот – изјави Васко Георгиев бранител на Вранишкоски. Незадоволна од ваквиот развој на настаните судијката навести дека на следното рочиште ќе именува бранител по службена должност ако адвокатот Георгиев се обиде да го одолговлекува процесот.
Неофицијалните информации велат дека Вранишкоски утрово во притвореничката ќелија во Шутка се пожалил дека има здравствени проблеми, по што веднаш бил повикан лекар и не било констатирано дека има влошена здравствена состојба. Потоа кога бил потсетен дека треба да оди во Велес на судење, Вранишкоски започнал да дава пасивен отпор, почнал да прави сцена, да плаче, да хистеризира, да се валка по подот, не сакал да се облече во црковната облека, па стражарите не можеле да го одведат.
Вранишкоски се обидува по секоја цена да застари предметот. На првото рочиште побара време да ја подготви одбраната, која е иста со таа од претходните рочишта. Сега вели дека е болен а докторот не наоѓа ништо кај него. Тој си игра со системот и со правдата – велат претставници на МПЦ. На претходното рочиште пет часа Јован ја даваше неговата одбрана и денес требаше да продолжи. Тога ќе го стори в четврток, ако дојде, за кога е најавено новото рочиште.
Според обвинението, Вранишкоски во периодот 24.06.1998 до 09.07.2002, кога беше владика на МПЦ во три нејзини епархии, Преспанско - Пелагониската, Повардарската и Брегалничката, противправно присвоил 21 милион денари. Овие пари кои му биле давани на рака од различни цркви и манастири ги присвоил, со нив купувал луксузни возила кои потоа биле продавани или присвоени од негови блиски луѓе. За ова дело два пати добиваше ослободителна пресуда а на третата доби казна затвор од 2,5 години и да врати на МПЦ 250 илјади евра. Истата му беше изречена во отсуство, откако Вранишкоски во 2009-тата побегна од Македонија, па откако во ноември лани се врати, процесот се повторува.
Tweet |