Петар Печков
Објавено: недела, 25 јули 2010
Адвокатите од Велес реагираат на работата на нотарите, на нивното составување и заверка на документите за купопродажба на автомобили, кои се често пишувани рачно. Ова според адвокатите може во натамошната примена на овие документи да доведе до нивен фалсификат и злоупотреба. Ваквата пракса била воочена само во Велес и затоа адвокатите бараат превентивно и навремена реакција на надлежните институции.
Бараме да запре востановената пракса, составување на документи за купопродажба на автомобили и заверка на договори напишани на рака во кои сите суштествени состојки на договорот се пишани со хемиско пенкало и рачно, наместо со компјутер или машина за чукање. Ова е во спротивност на Законот за нотаријат и во неколку наврати се имаме обратено до нотарските канцеларии но немаше никаква промена, што за жал може да биде злоупотребено од странките во натамошната постапка – вели Гроздан Сутинов адвокат.
Тој заедно со неговите четириесетина колеги за ваквата работа на нотарите се решиле со петиција писмено да се обратат до надлежните државни институции, СВР Велес, Основниот суд Велес, Нотарската канцеларија на Република Македонија и Министерот за правда, за да се преземат законски мерки таа да престане.
Сутинов посочува примери кога на така рачно напишаните и заверени договори од нотарите, странките допишуваат бројки најчесто на шасија или број на мотор од автомобили, кои потоа кружат во натамошниот јавен и правен систем на работа на државните институции. Вакви кривични дела, фалсификување на службена исправа имало се почесто, и затоа за велешките адвокати е нејасно како досега пред другите институции, пред се полицијата и судот, е толерирано нелегалната заверка на рачно пишани документи од странките, бидејќи тие и сами можеле да го согледаат ваквите незаконски постапки.
Сутинов потсетува дека Законот пропишувал адвокатите да ги составуваат а нотарите да ги заверуваат документите, што во пракса во Велес не се случувало.
На ваквите обвинувања од адвокатите од Велес, нотарите кои се шестмина на број кои работат во градот и немаат свое еснафско здружение, одбија да дадат изјава.
Познавачите на работите сметаат дека во основа на овој проблем е кој да ги земе таксите кои ги плаќаат странките, а се движат до две илјади денари за составување на вакви договори.
Tweet |