речник контакт

Адвокатот Ефремов бранителот на обвинените родители, чии деца изгореа во пожарот, кажа не треба Марина и Никола да седат на обвинителна клупа, треба државата

Обвинетите Никола Антониески и Марина Давчевска не се чувствуваат за виновни

Петар Печков

Обвинетите Никола Антониески  и Марина Давчевска кажаа дека не се чувствуваат за виновни, за кривичното дело ,,запуштање и малтретирање на дете,,  во случајот со трите изгорени деца Драгана, Петар и Теона кој се случи на 20 јуни 2018-та година, во нивниот дом на улица Даре Џамбаз, близу Вршник.

Така започна судскиот процес во Основен суд Велес, кој претходно имаше повеќе одлагања а пред два месеци Марина стана мајка на машко дете.  Обвинителката Аделина Станинова во воведниот говор кажа дека Марија и Никола, кои живееле во вонбрачна заедница не ги заштителе животите на децата,  на што се должни согласно Законот.

Со грубо запоставување на децата ги запуштиле и оставиле сами во нивниот дом, иако на нивна возраст не можеле сами да се грижат за себе. Во 16.10 избувнал пожар од непознати причини од кој децата ги загубија животите  -рече Станинова.   

Вината за смртта на трите деца, во воведниот говор на одбраната, бранителот адвокат Ивица Ефремов ја посочи во државата и системот.

Ако живеевме во правна и социјална држава, за каква се декларираме, на обвинителната клупа требаше да биде државата Република Македонија. Обвинетите не биле вработени, без егзистенција, со три мали деца и социјална помош од пет илјади денари. Даден им е социјален стан по трагедијата а им требало претходно. Наместо да се испитаат причинети за пожарот, најлесно е да се обвинат родителите. Може да изразуваме жалење, но болката ја знаат само таткото и мајката. Ако целта на процесот е обвинетите  да гнијат во затвор, тогаш сме ја згрешиле професијата - кажа  Ефремов.  

Потоа се прејде на сослушување на сведоците.   Нада Трајкова и Тодорка Филиповска од Центарот за социјални работи во Велес кажаа дека во случајот на Никола Антониевски  и Марина Давчевска се постапувало само по барање за добивање на материјална помош, немало пријава за запуштање на деца.

Семејството не беше обезбедено материјално, во нивниот дом владееше сиромаштија. Пред случајот со пожарот не користеа бесплатен ручек, немаше ниту барање за добивање социјален стан. Во куќата не постоеја услови за живеење - рече  Филиповска.  Пред судот како сведок се појави Стефан Антониевски  дете на Никола, кое живеело со нив.

Критичниот ден утрото заминав да работам како гробар, на Св. Спас а татко ми како гробар на Св. Пантелејмон  кога се вратив дома куќата беше изгорена. Не знам кога татко ми се вратил дома - рече Стефан.  Сведочеше и продавачот од продавницата на Којник,  Благој Иванов, кој рече дека  дента кај него дошле заедно да пазаруваат Марија и Никола.

Критичниот ден дојдоа заедно , но не знам дали дојдоа од дома. Доаѓаа некој пат заедно, друг пат одделно, еднаш со деца друг пат сами, зависно од денот -рече Благој.

Сведочеше и Оливера Тодевска, поранешна сопруга на сведокот Јован Стојанов, кој пак е поранешен вонбрачен сопруг на обвинетата Марина. 

Ванчо кога си дојде дома, тој ден кога се случи пожарот, делуваше уплашено. Тој ден се однесуваше чудно, немаше мир, ѕиркаше низ прозор, гледаше дали некој ќе дојде по него, беше нервозен. Го прашав што му е, ми викна ,,ништо, ништо,,. По некое време дојде полицијата и го однесе. Подоцна плачеше без солзи, имаше ладно плачење - кажа Тодевска, која повеќе не е во брак со Јован или Ванчо како што го именуваше. По неа сведочеше  Јован Стојанов, кој според обвинетите пред да почне расправата, во холот на Судот им се заканувал. 

Не знаев дека децата се изгорени. Бев на работа од 7 до 16,40 во склад за дрва.  Од работа заминав со колега а потоа со комбето од кај Касарна па дома во Превалец. Откако стасав, по некое време дојде полиција и ме однесе во станица. По пат му се јави газдата Насер и ми кажа дека Драгана изгорела.  Не знам каде тие живееја, еднаш отидов  да го видам девојчето, оти од Центарот за социјални работи имав дозвола го гледам два пати неделно, но Никола не ми даде, ме избрка и ме удри со копач. Во полиција вечерата по пожарот,  ме задржаа од 18 до 23 ч.  Никогаш не сум му се заканувал . Но многу ме боли за девојчето, срцево ме боли. Низ град ги гледав Никола и Марина без деца, влегуваа во казино, и двајцата пијат алкохол. Ги заклучуваа децата - сведочеше Јован поранешен сопруг на  обвинетата Марина. 

На прашањето дали тој видел дека децата се заклучуваат, рече ,,не, но ми кажаа комшиите,,. на прашањето кој тоа да каже со име и презиме, тој немаше одговор.  На неговите реакции дека му починало неговото родено дете Драгана, од клупата за обвинети мајката Марина дофрли ,,не, не е негово,,. Јован тврдеше дека обвинетиот  Никола не се грижел за Драгана и другите две починати деца, на што тој од обвинителната клупа му рече,,ти ја запали куќата,,.  

Поради тензичност во судницата, сведочењето на Стојков беше прекинато додека тој се смири, оти удираше по говорницата, мавташе со раце.     В тие мигови  беше напнато, нервозно,  се викаше на висок тон а во еден момент судијката Валентина Ѓоргиевска им се закани и на обвинителката и на бранителот дека ќе ги казни ако продолжат и тие да се расправаат. Судењето продолжува со сослушување на други сведоци.   

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »