речник контакт

Азот, сообраќаен ќорсокак во центарот на Македонија

Азот со сообраќајница е поврзан само кон Велес, иако се граничи и со Прилеп, Кавадарци, Македонски Брод. Ваквата состојба нема наскоро да се промени, бидејќи надлежните велат регионалниот пат Богомила - Прилеп не е предвиден за градба

Петар Печков

 Така блиску, само 40 км,  а толку далеку е Прилеп за жителите на Азот бидејќи регионот не е поврзан со пат  со Пелагонија. Оваа мака за седум илјади жители на општина Чашка не е од денес, тие со неа се судруваат со години, исто толку време и добиваа ветувања дека Богомила и Прилеп ќе се поврзат со  патна сообраќајница, но тоа никако да започне. Поради ваквата состојба, жителите од Азот не се во можност нивните земјоделски производи да ги понудат на друг пазар освен велешкиот.

Иако сме во центарот на Македонија ние сме слепо црево, можеме да патуваме само за и од Велес со автомобил.  Азот е земјоделски регион  а се што ќе произведеме не можеме да го пласираме никаде на друго место освен во овој град. Имаме одлична еколошки здрава храна, произведена во подрачје каде нема ниту еден индустриски капацитет, нема загадување, истата е барана но што фајде кога поради транспортните трошоци не сме во можност да понудиме во западна Македонија, иако овој дел на земјава ни е најблизок – велат жителите од Азот.

Општина Чашка  се граничи од исток со Велес и Градско,на север со Зелениково и Студеничани, од запад со Македонски Брод и Долнени и на јужниот дел со Прилеп и Кавадарци но со ниту една од нив не е поврзана  со сообраќајница, освен со Велес.

Се наслушавме ветувања за овие 20 години како низ Азот ќе се гради магистрален пат за Прилеп, започнаа градежни активности кај езерото Младост, се откупи земја, се плиснаа пари и толку, се запре и замре. Секое чудо за три дена. Ние и натаму за да стигнеме до Брод, Кичево, Прилеп, Кавадарци мораме да патуваме стотина километри плус, бидејќи мораме да  вртиме преку Велес. Кај Богомила има можност за асфалтирање на пат во должина од 10-тина км за Прилеп, кај  селото Владиловци има пробиено пат за поврзување кон Кавадарци, но се нема желба да се стори нешто. Работите тапкаат во место со години, без надеж дека скоро ќе се променат иако имаше ветувања дека овие патишта ќе се асфалтираат – сметаат разочараните жители од Азот.

За да стигнат на пазар во Прилеп и ги продаваат нивните земјоделски производи, теовски компир, богомилски грав, мед, по кои се познати, мораат да патуваат 50 км до Велес а потоа плус 90 км до Прилеп, иако преку планината Јакупица до Прилеп се стигнува за половина час. Слично е и за Кавадарци, Македонски Брод до каде се патува со часови наместо за време кое се мери со минути, велат најмногу за триесетина.

Државата не заборави, бидејќи проблемот не е од денес, колку пати сме реагирале, колку Влади се смениле и до сите сме пишале, доаѓале тука, но пат за Прилеп нема. А државата е должна да помогне, бидејќи колку само пари преку сечењето на дрвната маса од шумите на Азот има прибрано од нашиот регион. Од тие пари да одвојуваа ќе се најдеше решение – луто прашуваат богомилчани.

Но извесно е дека нивниот проблем нема да биде скоро решен, надлежните не најавуваат дека во блиска иднина  Азот и општина Чашка ќе се поврзе со другите, соседни општински центри од Западна Македонија. Од Агенцијата  за државни патишта велат дека за наредниот период не се предвидени средства за изградба на регионален пат Богомила – Прилеп. Од општина Чашка објаснуваат дека патот кои жителите го споменуваат за поврзување со Прилеп во должина од 11 км за асфалтирање, е шумски пат, кој е изграден за потреби на ЈП Македонски шуми и тој не може да се користи за комерцијални цели.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »