Петар Печков
Објавено: сабота, 17 јули 2010
Велешанката Ирена Илиева имаше најмногу работа на саботното групно кршетевање бидејќи беше кума на три дечиња, Ирена 9 месеци, Душан 2 и пол, Давид една година. Детскиот плач пред почетокот од непознатото и стравот од чинот, бргу беше заменет со смеата од капењето во водите на реката Бабуна.
Решивме децата да ги крстиме вака бидејќи е посвечено, повесело, поубаво, има многу народ и прекрасно е тоа да се стори со десетина други деца и луѓе, вака заеднички. Се надевам дека до година ќе има повеќе народ – вели Ирена која заедно со мајките и бабите на децата ги прераскажуваа моментите од групната крштавка, која се одржа по трет пат во водите на реката Бабуна а бидејќи локацијата е непроменета сите овие години, свештениците ја нарекоа свето место. Жешкото јулско сонце кое уште рано припекуваше, беше амортизирано со ладната вода од планинската река во која се капеа пријавените. Меѓу нив и гости од Кавадарци, брачниот пар Лазови, сопружниците кои по дваесетина години брак се решија да се крстат а наесен и да се венчаат според црковните канони.
Имаме и внуци, баба сум, крштевавме повеќе пати, а мајка ми во неколку наврати ми велеше дека јас не сум крстена, па кога слушнавме за овој настан се решивме со сопругот да дојдеме од Кавадарци и се крстиме. Наесен ќе дојдеме и на групната венчавка – изјави Ружица Лазова која овој чин го стори заедно со сопругот Глигор, кој како најмал од осумте деца во фамилијата останал некрстен.
Тие беа во групата на возрасните кои тогашното живеење, во атеистичкиот систем, не им дозволувало да бидат крстени, но затоа сега таа грешка на родителите сами ја исправаат. Панова Соња од Велес беше највозрасната на групната крштавка со 57 години родум до Влашката црква Св. Богородица, иако израснала со неа, не била крстена па сега реши да го стори тоа.
Од дете црквата ми е омилена, пораснав со неа, но моите родители биле луѓе на тогашни функции па не ме крстиле. Тоа ми беше во мисла и голем товар, па кога слушнав за оваа крштавка се пријавив и со нетрпение го чекав овој за мене голем ден. Јас досега одев во црква и верував во Бога, до сега нешто ми недостигаше во душата а по овој ден сум целосно исполнета – изјави Соња Панова.
Крштавката кога верниците според верата се соединуваат со Бога, ја искористија најмладите четворицата членови на семејството Тошевски, двајца браќа Горан и Дејан, сестрата Весна и снаата Марија, сите да бидат крстени. Ниту поодминатата бременост и моментот дека за помалку од месец ќе станат мајки, не ги поколеба двете золва и снаа да дојдат на Бабуна.
Ни беше жал што, не сме крстени, па не можеме да во црква да се венчавме. Затоа сега дојдовме на оваа групна крштавка, па здравје до година ќе ги донесеме и децата а наесен сигурно и ќе учествуваме на групната венчавка – рече Горан Тошевски. Владиката Агатангел. Митрополит на Повардарската Епархија, како организатор задоволен што на групната крштавка доаѓаат се повеќе верници не само од Велес, туку и од Кавадарци, Неготино до Гевгелија.
Оваа света тајна, групната крштавка, е започнавме во 1998-та во Скопје на Матка а овде е по трет пат, кога сите што сакаат се соединуваат со Бога и ја примаат за прв пат православната прадедовска вера. Задоволен сум од бројката, бидејќи доаѓаат и деца но и повозрасни, бидејќи во атеистичко - комунистичкото време сите не крштавале иако биле верници – изјави владиката Агатангел. Пријавени одат на часови на веронаука каде ги добиваат знаењата и свесни ја примаат светата тајна на крштавањето.
Tweet |