Петар Печков
Објавено: вторник, 24 јануари 2012
Со реновирањето на велешката Општа Болница се поправија и условите за престој но и односот на медицинскиот персонал. Реакциите сега се помалку а оваа здравствена установа ја врати довербата кај пациентите кои до пред половина година ја заобиколуваа по загадочните смртни случаи, при операција на слепо црево, при породување, па болните заминуваа во Скопје. Сепак во некои одделенија и натаму има проблеми, тие се однесуваат на недостатокот или застарените специјалистички апарати, како и на скудниот специјалистички кадар. Најлоша е состојбата во физикалното и интерното одделение.
Колку и да се стручни докторите, што можат да сторат кога немаат соодветни апарати. Не препраќаат кај приватните или на клиниките во Скопје, па потоа со резултатите назад. Повеќе се шетаме отколку што се лекуваме – велат пациентите кои побарале лекарска помош на ова одделение. Тука се лекуваат и бубрежно болните. И тие имаат мака. Во велешката болница нема нов парат за дијализа со децении. Постојните се застарени и често се расипуваат.
Ова одделение како донација неодамна доби два дијализери. Но по кратко време откажаа, едниот е во функција другиот не работи. А нас не има околу 40-тина, не само до Велес, тука доаѓаат пациенти и од Свети Николе и Овче поле. Се случува на средина од третманот, да се расипе апаратот – вели пациент бубрежно болен. Иако изминатата година се вработија осуммина лекари, сепак бројката на доктори во оваа институција е мала, бидејќи повеќемина си заминуваат или се пензионираат. Но најлоша е состојбата во Физикалното одделение, кое се наоѓа во друга зграда, каде своевремено била болницата, пред 50-тина години.
Физикално има толку стари апарати колку што е стара зградата. Санитарните јазли се во очајна состојба а во просториите е толку ладно, што во зимо е ладно како и надвор – објаснува пациентка која затоа пак ги пофали вработените и нивниот ангажман. Црна точка во велешката болница е мртовечницата, факт кој го констатираат сите а во тоа се имаат уверено и првите луѓе од Министерството. Крајно нехуманите услови за згрижување на починатите се под секое ниво и достоинство.
Постојниот објект, кој е руиниран, не ги задоволува ни здравствените, ни хуманите, ниту хигиенските критериуми, тоа го потврдија и од оваа здравствена институција.Ако се починати не значи дека треба мизерно да бидат згрижени пред да ги преземеме – велат велешани. Овие слабости ги знае и раководството на болницата. Најавува дека се прават напори сите тие во скоро време да бидат отстранети.
Во интерно набавивме гастроскоп а напролет и ехо апарат и стрес тест. Во наредниот период ќе се обидеме да го снабдиме ова одделение со неопходните апарати и тука ќе биде ставен нашиот акцент на ангажирање следниот период. Што се однесува до одделението за физикална терапија, решението за него е со изградба на нова зграда, кога и ќе комплетно се опреми. Таа обврска си ја презема Министерството. Веќе напролет ќе имаме нова мртовечница, со што ќе симнеме еден голем проблем - вели д-р Ванчо Граматов директор на Општата Болница во Велес.
Тој е задоволен што нема чекања за операција во ова здравствена институција и извршени илјада операции лани , што е повеќе од 2010-тата. Деновиве во сите одделенија на Болницата се инсталирани 50-тина панел плочи,и со што се одговори на поплаките на пациентите дека во собите е ладно. Директорот Граматов очекува дека наскоро сите 306 легла ќе бидат достапни за пациентите, откако ќе заврши реновирањето ан десното крило од зградата.
Велешката Болница со реновирањето и опремувањето со повеќе скапи специјалистички апарати, меѓу кои и 16 слајсен комјутеризиран томограф, гинеколошки еко томограф, значајно ја зголеми можноста за дијагностицирање и следење на болните. Со новата опрема можно е двете операциони сали истовремено да бидат во функција. Велешката Болница дава здравствена помош на 200 илјади граѓани од Овче Поле и Повардарието.
Tweet |