Петар Печков
Објавено: понеделник, 09 март 2026
Паркингот до Градскиот пазар не е повеќе т.н. бувљак, место каде се продаваше искористена употребена облека и предмети. Од минатата седмица локалната власт ги дислоцираше, по реакциите на граѓаните дека таму се зафаќа најмалку 30 слободни места за паркирање, но и корисниците остават нечистотија и неред по користењето.
„Просторот е ослободен во интерес на намената за што е примарно изграден, паркинг простор. Продавачите на користена облека и предмети ги дислоциравме на кејот кај Автобуска, лево од Мало мовче. Во три од седум дена во седмицата паркинг прострот, за кој има вложено средства за изградба, не беше во целосна функција од овие продавачи“ – одговорија од локалната власт на поставеното прашање од ТрМр.
Но ова чистење на паркинг просторот се наметна дилемата каде ќе може да се набавуваат земјоделски производи на големо. Тука престојуваа продавачи/препродавачи од струмичко и по половина година и повеќе.
„На паркинг просторот може да се продава на големо од комбе, земјоделски производи со престој само од еден ден и тоа до 17ч. Потоа треба да го напуштат. Ланската година имаше лица кои престојуваа со месеци, без услови за живот, во близина имаше нехигиена, оти просторот се користеше како вц, таму се бањаа, подготвуваа храна. На големо може да продаваат само во пазарните денови“ – објаснија од локалната власт.
Истовремено во заедничка контрола на комуналниот инспектор, УЈП и пазарната инспекција, беа исчистени тротоарите од околината на градски пазар од препродавачите. Тие биле предупредени дека тој простор не е за продажба и можат да продаваат во покриениот пазар.
Повеќе години пазарџиите реагираа на нелојалната конкуренција, со продажба надвор од објектот по троатоарите.
Имаше случаи годините наназад, кога исто така просторот на тротоарите беше исчистен од препродавачите, но без дополнителна контрола од инспекциите во деновите подоцна, па за неколку месеци тие се враќаа.
| Tweet |







