Петар Печков
Објавено: четврток, 23 април 2015
Објавувањето на т.н. бомби на СДСМ денес во Велес, беше повод за реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од говорницата Славчо Чадиев порача дека пресконференција на Панче Иванов е само продолжување на сценариото на Зоран Заев за креирање на нестабилност во Македонија, за манипулирање со јавноста и за насилно преземање на власта.
Нивната заедничка намера е повеќе од јасна. Во соработка со странски центри, преку објавување на креирани материјалии и без поддршка од граѓаните, бескрупулозно да се доберат до власт. Искрено жалиме што господинот Панче Иванов слепо се стави на услуга на неговиот шеф и со тоа стана соучесник во ова сценарио кое има за цел да направи дестабилизација во Македонија. Но, господа од СДСМ во Велес ова нема да ви помине! Нема да помине, затоа што токму Вие ја имате одговорноста за уназадувањето и упропастувањето на овој град- рече Чадиев.
За власта затворањето на повеќе велешки фабрики од времето на владеењето на СДСМ е бомба која го разори Велес и остави многу семејства во сиромаштија.
Сите ние заедно, сплотени како никогаш досега, нема да им дозволиме насилно да не внесат во ова сценарио! Сите ние, ќе продолжиме да ја создавме и да работиме на онаа другата вистина со која се гордееме и за која ја добиваме поддршката во досегашниот период. Нашиот вистински лик се нашите дела и проекти, тоа е нашата борба, борба за секое семејство, за секој наш граѓанин. Затоа што нивната судбина е и наша судбина, нивните предизвици се и наши. СДСМ нека продолжи со својата деструкција, а ние ќе продолжиме да создаваме дела - изјави Чадиев од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ.
Tweet |