Петар Печков
Објавено: недела, 05 декември 2010
Во текот на вечерта со чамци биле евакуирани неколку жители од месноста Речани кои биле убедени дека Вардар нема толку да надојде и ги отсече. Поплавени се делови од Речани, Шорка, Градскиот парк, Дворови, околу Автобуската станица... Нивото на Вардар постојано се зголемува и велешани велат дека вака не било од 1978-та година, последната голема поплава во велешко, кога водата дојде до тогашното Економско училиште, сега Благој Кирков.
Надлежните цела сабота преку медиумите тврдеа нема опасност, нема опасност. Да знаевме дека реката иде, немаше да седиме дома и чекаме водата така да ни го уништува трудот. Сега е доцна, многу штета има, катастрофа. Се отиде во неврат – велат велешани кои имаат имот во месноста Речани. Многумина од нив изгубиле и живина, свињи, кози, зајаци кои не можеле да ги спасат од водата брзо надоаѓала вода. Под вода е и новото фудбалско игралиште. Поради безбедносни причини мостот на Башино Село беше забранет за сообраќај неколку часа, додека не беа отстранети закачените дрвја. Постарите велешани кои живеат покрај Вардар објаснуваат дека штом реката носи уште дрвја значи дека таа надоаѓа и затоа стравуваат во ноќта која доаѓа, уште колку таа ќе се покачи?
Tweet |