Петар Печков
Објавено: среда, 02 февруари 2011
Висок одѕив за вакцинација на велешките деца од школска и претшколска возраст бележи надлежниот Диспанзер при ЈЗУ Медицински центар. Дури 99 отсто на децата од школска возраст од 6 до 18 години се вакцинирани со потребните вакцини за сипаници, заушки, дифетерија, тетанус, детска парализа и туберколоза, додека 96 отсто од децата до 6 годишна возраст добиле вакцина за хепатит Б, детска парализа, дифтерија и тетанус. Овие податоци ги ставаат во врвот децата од велешко, како лидер во земјава по вакцинација и здравствена заштита.
За овие високи проценти на вакцинирани деца стои сериозна, долга, успешна и ангажирана работа. Имаме одлична соработка со училиштата. Ако детето не дојде на вакцинирање кај нас или не е на училиште, знаеме да го побараме дома и да го вакцинираме. Значајно е што за овој успех, немаме напишано ниту една прекршочна пријава против родител дека не го вакцинирал детето, како што вели Законот. Напротив одиме и по селата Градско, Чашка, Бузалково, Горно Јаболчиште за што повеќе деца да бидат опфатени во интерес на нивното здравје – вели д-р Пандели Божиков од Диспанзерот за вакцинирање при ЈЗУ Медицински центар Велес.
Тој брои дваесетина лекари и медицински сестри, кои се горди што девојчињата на 12 годишна возраст од општината ја прифатиле и ХПВ вакцината и дури 90 од нив ја примиле, наспроти одбивноста во останатиот дел од земјава.
Tweet |