речник контакт

Велес туристите повторно го откриваат

Зголемена е посетата на спомен куќите во Велес годинава а културниот туризам бележи пораст. Учениците, студентите и пензионерите повторно го откриваат градот на Рацин, Џинот, Главинов

Петар Печков

Зголемена е посетата на спомен куќите во Велес годинава а културниот туризам бележи пораст. Учениците, студентите и пензионерите  повторно го откриваат градот на Рацин, Џинот, Главинов. Изминатата есен и оваа пролет, иако го градот нема хотел,  во  Велес има повеќе туристи  а Народниот музеј  забележа голем интерес за посета на спомен куќите на овие културни дејци, но и останатите спомен обележја на градот.

Во текот на последните девет месеци од септември лани до мај годинава забележана е зголемена посета на нашите објекти. Најчесто тоа се средношколци, основци а има и пензионери и останати организирани групи посетители. За разлика од претходните години оваа имаме осетно  повеќе посетители. Тие повторно  како да го откриваат Велес   за  културна дестинација. Доаѓаат од сите краеви на Македонија. Можеби затоа што сме центарот на Македонија, им е лесно да стигнат до нас – вели Марјан Клифов виш кустос во Народниот музеј Велес.

Најголема посетеност бележи куќата на Кочо Рацин и спомен Костурницата на паднатите борци од НОБ каде се наоѓа најголемиот мозаик во земјава, дело на Мазев со површина од  220 метри квадратни. Но освен нив гостите интерес покажуваат и за куќите на Главинов, Јордан Хаџи Константинов Џинот,  Општиот Музеј. 

Во рамките на оваа институција се и петте спомен куќи од НОБ во селото Горно Врановци, куќата на поетот Коле Неделковски во Војница и куќата на основачот на ВМРО Петар Поп Арсов во Богомила. Годинава и тие биле интересни и  посетувани, но кај нив била друга популација гости биле пензионери. Некои од училиштата посетата ја врзуваат со Велес наесен, во средината на ноември кога се одржува традиционалната ,,питијада,,. Тогаш имаат двојна програма.

Во третата сабота од ноември забележавме гости од повеќе средни училишта од Скопје. Тие дојдоа во Велес претпладнето ги разгледаа спомен куќите а попладнето се гостеа со пастрмалии.  Очигледно дека овде културата се спои со гастрономијата – додава Клифов. Според учениците, како најбројната категорија посетители, тие се решаваат да дојдат во Велес бидејќи другите одредишта веќе ги виделе.

Крушево, Охрид, Дојран се веќе видени и доживеани. Велес нуди интересни содржини и затоа одлучивме да дојдеме тука. Потоа од градот одиме на ручек и посета на езерото Младост, каде има одличен помин на интересни ресторани – вели Никола средношколец од Скопје.

Но освен учениците и пензионерите, оваа пролет Велес како место за прошетка го открија и дел оd амбасадорскиот кор во Македонија. Шестмина амбасадори од земјите членки на ЕУ пред два месеци, еден викенд минаа во посета на знаменитостите на Велес и чекореа по тесните градски сокаци. Тие се воодушевуваа и на црквата Св. Пантелејмон, која е позната како Македонска Миланска Скала и манастирот Св. Димитрија кој пет векови бил закопан под земја, пред доаѓањето на османлиите. На туристите кои доаѓаат во градот и  недостига Туристичко биро, кое локалните власти се обидуваат повеќе години по ред да го формираат но досега без резултат.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »