Петар Печков
Објавено: понеделник, 02 април 2012
Словенецот Симон Брус ја оправда улогата на фаворит и го освои првото место во кајак слалом на 44. интернационален турнир ИKАС 2012, на патеката Матка, крај Скопје. Актуелниот шампион на младинското Европско првенство до 21 година и првак на олимписките игри за натпреварувачи до 23 години, во финалето имаше најдобро време од 104,63 секунди. На второто место се пласира Вид Kарнер, уште еден Словенец кој патеката ја мина за 112,98 секунди, а најдобар меѓу македонските натпреварувачи беше велешанецот Игор Стефановски со пласман на третата позиција и време на возење од 114,14 секунди.
Во најпопуларната дисциплина во кајак на диви води не настапи македонскиот најдобар натпреварувач Атанас Николовски, кој го откажа учеството во последен момент поради висока температура.
За публиката поинтересни беа саботните натпревари кога можеа да се видат повеќе од 60 натпреварувачи од Македонија, Словенија, Kазахстан, Русија и БиХ кои имаа по два старта за време на квалификациите, а временските услови беа одлични, што не беше случаи и вчера кога кајакарите и кануистите се претставија со по еден старт во полуфиналето и финалето проследени со силен ветар и повремен дожд.
Во дисциплината кану кај мажите исто така доминираа Словенците, а меѓу нив најдобар беше Блаж Жупа откако на целта мина по 121,88 секунди. Од домашните натпреварувачи во оваа дисциплина најдобар, петтопласиран беше Роберт Папазов со големо заостанување во однос на првопласираниот по возените 292,45 секунди.
Tweet |