Петар Печков
Објавено: понеделник, 10 август 2026
Велешанец е осуден за семејно насилство врз поранешната сопруга, кое се случило после Коледе. Судија поединец од Основен суд Велес го прифатил предложениот казнен налог од обвинител на ОЈО Велес и изрекол казна затвор во траење од 3 (три) месеци и истовремено да му биде изречена алтернативна мерка условна осуда со која утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 1 (една) година од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Велешанецот е осуден за кривичното дело „загрозување на сигурноста„ а пресудата е правосилна а во моментите кога го сторил делото бил пијан.
Настанот се случил на 6 јануари годинава околу 09.00 часот кога пред зградата во која живее, при вршење семејно насилство сериозно и се заканил на оштетената, која е негова поранешна сопруга и со неа живеат во вонбрачна заедница, имаат заеднички деца, дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело, со намера да ја вознемири или заплаши. Доведен во состојба на алкохолизираност со присуство на алкохол во организмот во количина од 1,54 гр/кгр, во моментот кога оштетената излегла на терасата од нивниот стан кој е на ниско приземје и побарала од него да се врати дома од забавата за верскиот празник Коледе, па му го исклучила звучникот и со тоа ја сопрела музиката, тој дошол до терасата и со рака ја удрил по лицето а потоа ја фатил за врат и започнал да ја дави, но таа успеала да му се оттргне при што кај неа е предизвикано чувство на страв и несигурност.
Јавниот обвинител со Предлогот за издавање казнен налог, предложи судот да донесе пресуда за издавање казнен налог и на обвинетиот, да му биде утврдена казна затвор во траење од 3 (три) месеци и истовремено да му биде изречена алтернативна мерка условна осуда со која утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 1 (една) година од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Согласно чл.497 од Законот за кривична постапка, за кривични дела од надлежност на судија поединец кога за тоа се располага со доволно докази, јавниот обвинител може да поднесе предлог за издавање казнен налог, со кој на судот ќе му предложи изрекување на една или повеќе кривични санкции или мерки: парична казна во износ од 10 до 100 дневни глоби, условна осуда со утврдена казна затвор до три месеци или парична казна, забрана за управување на моторно возило до две години и конфискација на имот и имотна корист прибавена со кривично дело и одземање на предмети.
| Tweet |




