Петар Печков
Објавено: петок, 26 мај 2023
Со почетокот на месец мај бројни велешани тргнаа на Јадран, на Хрватското крајбрежје. Но не да летуваат, туку да работат. Без исклучок во угостителството, и млади и повозрасни. Сите со една мисла за да поминат финансиски подобро, отколку ако работат во Велес.
„Одам прва година, ќе работам шанкер. Се слушнав телефонски со газдите, се е договорено, спиење, храна, плата. Се враќам назад во октомври“ - кажа млад велешанец кој замина да работи во околината на Дубровник.
Тешко е да се каже реалната бројка колку велешани заминаа на Хрватското приморје, кон крајот на месец април. Повеќето се невработени или времено ангажирани во угостителски објекти. Некои си дале отказ од работа за да заминат на времена работа.
„Си одам без размислување, кога ќе се вратам назад пак ќе ме бараат и ќе ме вработат“ оптимистички вели друго момче.
Сите што заминале немаат никаков документ во некоја државна институција дека си одат, ниту се одјавуваат некаде и нема евиденција за реалната бројка. Затоа неодамна од МВР на Хрватска со писмен одговор за СДК, колку дозволи за работа издале годинава.
„До крајот на април, на македонските државјани им се издадени 4.091 дозвола за престој и работа во Хрватска, додека во истиот период лани биле издадени 2.546 дозволи. Од нив, 746 дозволи се однесуваат на сезонското вработување“, велат од МВР на Хрватска.
Сите кои заминаа на времена работа во Хрватска се времено ангажирани како хотелско -угостителски работници, од собарки, келнер(к)и, готвачи, салатерки. До работа дошле најмногу во директен контакт со тамошните угостители, или по препорака на близок кој минатите години работел таму.
Не откриваат за која плата ќе работат, но дел потенцираат дека им е платено здравствено и социјално. Примањата не биле под илјада евра. Ваквата состојба ја потврди и угостител од градот.
„Заминаа околу 30- 40 отсто од вработените во ресторанскиот дел, додека келнери се наоѓаат во градот. Недостигаат мајстори- готвачи, кувари“- вели сопственик на угостителски објект во Велес.
Ваква ситуација, на голем одлив на вработени во угостителството беше и 2008-2009-та година, само што тогаш масовно се одеше да се работи на Црногорско приморје.
Сега адресата е нова, Хрватска, едни по Истра, други Далмација, трети по островите. И се надеваат дека ќе имаат време да откраднат за малку море, сонце и плажа.
Tweet |