Петар Печков
Објавено: четврток, 02 мај 2019
Велешани не обрнуваат внимание на ракот на половите органи, констатираа докторите учесници на трибината ,,Здравјето е поважно од се,,. Во прилог на ова ги објавија бројките дека во Велес лани имало 24 карциноми на простата а 69 откриени случаи на карцином на дојка, за 2018 година.
Присутните имаа можност да слушнат за превентивната заштита и современите начини за лекување на малигните заболувања на простата кај мажите и на дојка кај женската популација, но и за останатите заболувања како канцерот на матката и на дебелото црево. Докторите потсетија дека тие можат да бидат фатални ако не се лекуваат навреме.
Бројката е голема, но за среќа со откривањето во рана фаза, како хирурзи можеме да помогнеме. Доволен е еднаш годишно преглед. По 50-тата година од животот пациентот мора да се јави превентивно на преглед. Дури и матичниот лекар може да направи испитувања за туморскиот маркер, па да го препрати кај нас ако види дека е покачен - рече д-р Сашо Дохчев, уролог хирург, директор на Клиника за урологија на Клинички центар ,,Мајка Тереза”.
Слично како и кај ракот на простатата, ракот на дојката се лечи со сто отсто успешност ако навреме се открие, во ран стадиум.
Жената треба да знае да врши само преглед. Ако не го прави тоа, од 40 годишна возраст потребно е да оди кај матичен лекар, и да оди на мамографија - рече хирург д-р Филип Тодоровски. Овие болести за жал се повеќе ја зафаќаат и помладата генерација, констатираа двајцата доктори и затоа потенцираа дека неопходни се редовни прегледи кај матичните лекари.
Tweet |