речник контакт

Велешките ликовни уметници Перовски - Чатмов, со заедничка изложба во Гостивар

Авторите се претставуваат со по дваесетина дела, работени во различни техники

Петар Печков

Двајца велешки уметници,академските сликари  Спасе Перовски и Трајче Чатмов поставија изложба со нивни дела, во Гостивар.  Тие се претставуваат со по дваесетина дела, работни во различни техники . Изложбата е поставена во  малата сала на Центарот за култура АСНОМ.

„Оваа поставка е само еден мал дел од опусот на двајцата уметници низ годините и пресек на нивното долгогодишно творење. Изложбата ја нарековме „Од спознанието до…“при што трите точки на крајот оставаат простор за различни исчитувања, како што е различен сензибилитетот и авторскиот ракопис на двајцата уметници“, кажа  Лидија Новаковска, организатор на настанот.

Перовски и Чатмов  имаат реализирано повеќе   самостојни и групни изложби, учества на ликовни колонии,  а  ова е  прв пат за  еден  заеднички проект. И двајцата автори  дипломирале на Факултетот за ликовни уметности во Скопје под менторство на проф. Рубенс Корубин.

„Спасе Перовски издвојува фрагменти од животот, ги сецира на рамниште на микроуниверзуми со аморфни, накај кружни до строго геометриски форми и ги претставува во најчесто смирен земјен тоналитет (со контрасти на сина) врз монохромна позадина, до фрагменти на актови и фигурација. Сликите на Трајче Чатмов, пак, изобилуваат со сложени композиции со експресивна динамика и нагласен колорит во вриеж од разнобојни линии кои ја дефинираат формата на фигурите и нарацијата која се движи од интимни моменти до митолошки и религиозни сцени“, вели кураторката на изложбата Маја Чанкуловска-Михајловска.

Авторите посочуваат дека се одлучила на заедничка изложба, од причина што се познаваат цел живот и сакаат да ја прикажат таа нитка низ комплетната спротивност во ликовниот пристап.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »