Петар Печков
Објавено: четврток, 13 април 2017
Велешките компании „Агриа“ и „Уни агро“ засега се единствените закупци на плодната земја на некогашниот агрокомбинат „Џумајлија“. Втората половина од земјоделското земјиште или речиси 2.000 хектари најплодни ниви се' уште чекаат закупец.
Министерството за земјоделство пред три години ја подели „Џумајлија“ на четири географски целини откако државното земјиште повеќе од две години стоеше неупотребливо бидејќи пропадна планот во него да инвестира контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој.
„Првата географска целина има 850 хектари, а втората 933 хектари, од кои 200 хектари се издвоени и дадени под закуп на месното население од селата што гравитираат во тој реон. Третата парцела има 1.100 хектари и со неа од минатата година стопанисува фирмата ’Уни агро’. Четвртата се закупи уште на првиот повик во 2015 година од страна на компанијата ’Агриа’ и таа има 950 хектари“, информираат од Министерството.
Парцелите државата ги понуди под закуп на 15 или повеќе години, а закупците имаат обврска да одгледуваат едногодишни или повеќегодишни земјоделски култури, но и да направат инвестиции за примарна обработка на земјоделски производи.
„’Уни агро’ треба да инвестира 2,1 милиона евра, а ’Агриа’ над 2,7 милиона евра“, потенцираат од Министерството.
„Агриа“ е најголемиот производител на свинско месо во земјата. На четвртата парцела во „Џумајлија“, за која плаќаат 90.500 евра годишно, одгледува житни растенија наменети за прехрана на сточниот фонд, пченка, јачмен, пченица и сончоглед. Според плановите, на оваа парцела ќе се произведат околу половината од нивните потреби за сточна храна. На овој начин „Агриа“ го заокружува процесот на производство од зрно до месо. Во плановите на компанијата е инвестирање во системи капка по капка заради зголемување на приносите.
„Нивите се веќе посеани со жито наменети за сточна храна за потребите на нашите свињарски фарми, но и за продажба“, велат во велешката компанија „Уни агро“, кои за 1.100 хектари плаќаат речиси 81.000 евра годишен закуп. Од таму нагласуваат дека во првите 4 години ќе инвестираат и во фабрика за сточна храна.
„Џумајлија“, претходно државата му ја даде како целина на индискиот бизнисмен Субрата Рој за годишна сума од 120.000 евра, приближно колку што сега бара за само една четвртина. Откако индискиот бизнисмен не реализира ниту една од предвидените инвестиции и во Индија, заврши во затвор поради финансиски малверзации, Министерството за земјоделство во 2014 година ја активира банкарската гаранција од 3 милиони евра и го раскина договорот.
Рој во „Џумајлија“ требаше да инвестира 211 милиони евра, најмногу во фарма за крави. Според договорот, тој требаше за три години да набави 20.000 крави, да произведува добиточна храна и да се направи регионална млекарница во која дневно требаше да се произведуваат 80.000 литри млеко.
Tweet |