Петар Печков
Објавено: среда, 05 април 2017
Велешанка е тешко повредена со удар од секира во глава во нејзиниот дом и се бори за живот. Настанот се случил претпладнево околу 11 ч. на ул. Методија Андонов Ченто бр. 22 во Велес. Сликата од настанот била непријатна со повици за помош, кои не стигнале навремено за да и помогнат на повредената Р.Т.
Слушнавме галама, викање во дворот од комшиите. Таму беа сосетката Р.Т. и нејзиниот внук. Комшија И.Ј. нешто викаше по нив, по што отиде до кај него дома. Тие се соседи и нивните куќи се лепенки, две куќи една до друга. На враќање носеше секира и метална цевка, но жената побегна дома. Влезе и тој, се слушна повторно викање, пискотници, апели за помош, помош. Беше страшно, и ние и други очевидци од зградата викавме по мобилен полиција но беше зафатено, долго време, можеби 10 минути. Ако дојдоа побргу може немаше да биде со ваков крај а полицијата е на три минути од тука. Не знам внатре како било, но кажаа дека се било искршено, цел стан – вели сосетка.
Набргу стигнала лекарска екипа од Брзата помош, ја згрижиле пациентката, која на очиглед на соседите имала тешки повреди на главата од удар со секирата. Била префрлена во Велешката Болница.
Донесена е пациентка околу 11,15ч. со тешка повреда на глава, нанесена од удар со остар и тап предмет, со скршеница на череп и други тешки повреди, во животно загрозувачка состојба, падната во кома. Ја реанимиравме и веднаш ја пративме во Ургентен во Скопје – изјави хирург д-р Влатко Вишинов.
Седумгодишниот внук, кој бил очевидец, бил преплашен и морале и нему да му даваат помош. Бранејќи ја мајка си нејзиниот син З. Т . се здобил со повреди на раката и рамото, но откако му била дадена помош, тој се врати дома. Членови на семејството коментираа дека сторителот, соседот бил проблематична личност. Имале со него и претходно проблеми.
Комшијата беше за во болница, а не за дома. Имавме и претходно проблеми. Беше женет но пред повеќе години се разведе, со возрасни деца. Живееше сам, иако има брат во истата куќа ама и тој не комуницираше со сторителов. Имавме поднесено кривична пријава против И.Ј. за насилство ама во обвинителството ни ја отфрлија – вели член на семејството.
При посетата на велешката болница и добивање на изјава за тежината на повредата на Р.Т. осомничениот за сторител И.Ј. можеше да се види како чека за преглед на доктор, со рани на лицето.
Од велешката полиција го потврдија настанот и најавија дека нивни екипи вршат увид а повеќе информации најавија за утре.
Tweet |