Петар Печков
Објавено: сабота, 24 мај 2014
Македонските царски орли, чиј број денес се движи од 15 до 25 пара, го сочинуваат единствениот ендемичен подвид, па нивното зачувување и нивната заштита се од исклучителна важност.
За таа цел минатата година здружението за заштита на природата „Аквила“ од Кавадарци и орнитолози од унгарското орнитолошко друштво за заштита на природата ММЕ-Унгарија поставија пет трансмитери на млади царски орли за да ги следат нивните животни навики и можните патишта на миграција, а добиените податоци да ги искористат за преземање интензивни заштитни мерки, кои ќе помогнат за зголемување на популацијата на овие загрозени птици во светот.
Емануел Лисичанец, член на здружението „Аквила“ и лидер на проектот за зачувување на царските орли во Македонија, финансиран од англиската фондација „Рафорд“, информира за зачудувачкиот подвиг на едно од петте орлиња по име Викторија.
- Орлето крстено Викторија, поголемото од двете орлиња, изведени во гнездото во близината на селото Сарамзалино, уште од самиот почеток беше некако поинакво од сите други, многу посамостојно и не толку врзано до депониите. Уште во третиот месец од пролетувањето направи неколку краткотрајни излети по територијата на Македонија, а двапати ја прелета и границата на Грција и на Бугарија, по што повторно се враќаше во регионот, каде што е родено - вели Лисичанец.
Викторија, според него, во средината на април почна едно неверојатно патување.
- Тргнувајќи од Овчеполието во неколку дена ја прелета територијата на северна Бугарија, па оттаму преку Романија стигна до Унгарија. По кратко задржување во Унгарија, во регион познат како извонреден за царските орли, богат со плен карактеристичен за нив, неочекувано го продолжи своето патешествие кон север. Речиси без застанување, освен за преноќување, ја прелета територијата на цела Полска, Литванија, Летонија и влезе на руска територија - вели Лисичанец.
Ова, според него, е многу неочекувано од еден царски орел и досега се нема случено друга обележена птица да одлета толку далеку на север.
- Териториите што ги прелета се нетипични за царските орли затоа што се прекриени со иглолисни шуми и со многу малку достапен плен што може да послужи за исхрана. По влегувањето на руска територија, во крајниот север од европскиот дел, Викторија реши да се враќа кон југ. Прелета покрај Москва и продолжи надолу. Цело време правеше само кратки застанувања за преноќување. И кога помисливме дека се враќа назад кон Македонија, Викторија повторно нѐ изненади и одлучи да го продолжи своето патување кон исток. Во моментов е во Казахстан - вели Лисичанец.
За неколку недели овој млад царски орел прелетал повеќе од 3.500 километри. До каде ќе продолжи неговото патување останува да се види. Карактеристично речиси за сите крупни грабливи птици е што младите често лутаат на широки пространства, сѐ до стекнување полова зрелост, кога се враќаат на територијата, каде што се родени и бараат можност за формирање двојка.
Се надеваме дека патешествието на Викторија, царското орле од Македонија, успешно ќе продолжи и дека некогаш таа повторно ќе ни се врати - вели Лисичанец.
Сателитскиот трансмитер што го носи Викторија се напојува со соларни ќелии и може со години речиси секој час да испраќа ГПС-координати за нејзиното движење. Доколку птицата доживее полова зрелост и некаде загнезди, постои можност да се улови со посебни кафези и да ѝ се отстрани трансмитерот.
Што се однесува до преостанатите четири мали орлиња со трансмитери, едно многу брзо по полетувањето го завршило својот живот најверојатно како жртва на лисица. Другото одлетало на исток кон соседна Бугарија, па преку Романија завршило во Турција, каде што престојувало неколку дена во регион познат како зимувалиште на царските орли. Но набрзо оттаму почнале да пристигаат сигнали само од едно место, што значи птицата е мртва или повредена. Поради непристапниот терен орнитолозите од Турција не можеле да ја пронајдат птицата.
Преостанатите две орлиња ја поминале зимата на депонијата во Велес и на депонијата на МИК-Свети Николе, што покажува дека во првата година од животот поради недоволно ловечко искуство и недостиг на лесно достапен плен царските орли се многу зависни од депониите и на големите градови. Тоа, според Лисичанец, не е добро поради присуството на отровни отпадоци од нестручно спроведена дератизација. Дополнителен податок е и дека само десет отсто од младите орли постигнуваат полова зрелост.
текстот е преземен од Нова Македонија
Tweet |