Петар Печков
Објавено: понеделник, 02 февруари 2015
На територијата на општина Велес регистрирани се случаи на измамници, кои печалат на лековерни сограѓани, ветувајќи им дрвја за огрев. При тоа измамените се и без пари и без дрва. Од велешката полиција веќе добиле реакции од измамени граѓани. СВР Велес предупредува , граѓаните да внимаваат од кого купуваат.
Апелираме граѓаните да внимаваат при купување огревни дрва, особено од непознати лица, неовластени доставувачи на дрва како и лица кои нудат дрва по поповолна цена. На територијата која ја покрива Полициска станица Велес има регистрирано појави кога граѓани се доведени во заблуда најчесто од непознати лица, кои им нудат на продажба огревни дрва и при тоа на најразлични начини успеваат да ги измамат, доведувајќи ги во заблуда без никаков документ да им исплатат одредена сума пари, по што во најкраток рок ќе им биде доставена договорената количина огревни дрва. За да не бидат граѓаните доведени во ситуација да бидат измамени и оштетени, апелираме да купуваат огревни дрва од овластени претставници (складови за дрва) и при плаќањето задолжително да побараат документ за уплатената сума од фирмата каде го вршат плаќањето. Воедно, ги повикуваме граѓаните доколку забележат ваква појава, веднаш да ги известат надлежните органи заради итно преземање мерки - велат од СВР Велес.
Тие деновиве откриле еден таков случај за што е поднесена кривична пријава против лицето Н.Н. (33 год) за измама. Тој во периодот декември 2014 година - јануари 2015 година, довел во заблуда четири лица од Велес прикажувајќи им лажни факти дека ќе им довезе огревно дрво, со што ги навел да му дадат вкупно 16 илјади денари.
Измамите ги вршел на тој начин што претставувајќи се како вработен во складот за дрва „Лајман Дрва“ во Велес, успевал од оштетените да наплати одредена сума пари како капар, за кои не им издавал никаков документ, со договор, остатокот да го исплатат по испораката на дрвата. Така, првиот оштетен му дал 6000 денари за да му испорача 2м3 огревно дрво, вториот оштетен му дал 7000 денари за 2м3 огревни дрва, третиот оштетен 2000 денари за 1м3 и четвртиот оштетен 1000 денари за 2м3 огревно дрво.
Иако сите оштетени неколку пати оделе во складот и барале од пријавениот да им ја изврши доставата, истиот секојпат ги убедувал дека следниот ден ќе им бидат доставени договорените количини дрва. По превземени мерки од полициски службеници од СВР Велес, обавен е разговор со сопственикот на „Лајман Дрво“, кој изјави дека пријавениот повремено го ангажирал во неговата фирма со работни задачи повремено да сече дрва за потребите на истата.
Tweet |