Петар Печков
Објавено: вторник, 06 октомври 2026
Понеделникот наутро пешак починал откако бил удрен од возило, чиј возач побегнал. Настанот се случил на исклучокот од автопат, од правец на Гевгелија при вклучување за Велес. Починало лице од село Мамутчево, кое во текот на ноќта заминало од дома. Обвинителството издало наредба за обезедување на траги и докази, кои треба да го идентификуваат возилото и возачот.
„На 5 октомври околу 05:30 часот во СВР Велес е пријавено дека на автопатот Градско- Велес, на место викано „Штипска клучка“, патничко возило удрило во пешакот С.М.(77 год) од село Мамутчево, велешко, по што возачот со возилото го напуштил местото. Од здобиените повреди пешакот С.М. починал на местото, а лекар констатирал смрт“ – информира Ана Милевска Ѓеоргиева, портпаролка на СВР Велес.
Екипа на службата за итна помош била повикана на местото на несреќата, можела да констатира смрт кај пешакот, со бројни повреди по телото.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено во Судска медицина за обдукција. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа на СВР Велес. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
| Tweet |




