речник контакт

Во Атина украдено ремек-дело на Пикасо

Безобѕирен грабеж во срцето на Атина им нанесе уште еден удар на Грците, и онака потресени од мерките на штедење.Кој и да ги украде трите уметнички дела од атинската Национална галерија?

Петар Печков

Кој и да ги украде трите уметнички дела од атинската Национална галерија -- вклучително и подарокот од 1949 година од Пикасо за Грците, за нивниот отпор против нацистите во Втората светска војна -- немаше многу проблеми да влезе или излезе, но ќе му е многу потешко да најде уште еден дом за богатствата, според аналитичарите, специјалисти за кражбите на уметнички дела.

Кубистичката слика на биста на Пикасо Женска глава беше извадена од својата рамка заедно со сликата од 1905 година Воденица на холандскиот сликар Пит Мондријан -- од истата школа -- и скицата на Св. Диего де Алкала од италијанскиот сликар од 17-тиот век Џулиелмо Гакија. Четвртата слика, Пејзаж, исто така на Мондријан, била фрлена од крадецот за време на бркањето на чуварот во грабежот пред зори во вторникот (10-ти јануари).

Полицијата соопшти дека тоа е дело на еден човек, кој влегол во зградата на Националната галерија преку мала балконска врата, на страничниот ѕид, откако намерно ги активирал алармите претходната вечер, што очигледно го натерало чуварот да исклучи еден.

Сега извршената провалата предизвика скоро исто онолку внимание колку и кражбата, при што се обвинува за слабо обезбедување и се вели дека кражбата е уште еден срам за земјата прикована во длабока економска криза, која се бори со репутацијата за некомпетентност.

Но, што е со уметноста?
Грчките власти велат дека според нив сликите, најверојатно, се земени за приватен колекционер. Но, Дик Елис, директор на Групата за менаџмент на уметноста во Англија, кој го формираше одделот за кражба во Скотланд Јард пред повеќе од 20 години, рече дека има голема шанса тие да бидат откриени, ако не и искористени како гаранција за финансирање други криминални дејства.

 

Владиното осигурување не покрива кражба. Тие [крадците] бараат правец на откуп кој нема да биде отворен. Ќе мора да го видиме калибарот на криминалот“, рече тој за SETimes. „Очигледно ова е важно дело на Пикасо, а неговата важност е поголема поради фактот што е дадено од самиот уметник“, рече Елис, кој откри во Србија две слики на Пикасо, украдени од швајцарски музеј пред пет години.

Засега грчката полиција сé уште истражува како можело обезбедувањето да се онеспособи толку лесно. Претставниците на галеријата не ја дадоа вредноста на делата, кои беа изложени во многу прометна богата област од градот, како дел од изложбата наречена Непознати богатства, која ги вклучува и делата на Албрехт Дурер и Рембрант.

Министерот за заштита на граѓаните, Христос Папуцис, се извини за загубата, и рече дека обезбедувањето во галеријата „не постоело“.

Но, Ники Кацантонис, портпаролка на Министрството за култура, изјави за SETimes дека „Националната галерија, како и сите други музеи и археолошки локалитети, се опремени со современи системи за обезбедување“ и посочи дека кражби се случуваат и во многу други музеи во светот.
Таа рече дека галеријата ќе изгради додатен дел од 46,5 милиони евра од фондовите на ЕУ оваа година, што „не само што ќе го подобри теренот, туку и ќе го утврди“.
Портпаролот на полицијата, Атанасиос Кокалакис, рече: „Ова не биле аматери. Нивните потези и целата операција се добро испланирани. Со публицитетот што ја доби оваа кражба, мала е веројатноста овие дела некогаш да стигнат до црниот пазар“.

Роберт Витман бил истражен експерт на ФБИ за кражби на уметнички дела и открил стока во вредност од повеќе од 225 милиони американски долари. Tој рече дека кражбата се чини оти била прецизно испланирана за да ги збуни чуварите да го исклучат алармот, но дека распоредувањето на делата ќе биде тешко.

Во околу 99.9 отсто случаи тие не се крадат по нарачка, туку според способноста на крадците да влезат и да ги земат. Најчесто тие ќе го земат тоа што е лесно да се земе и да се понесе.“ Тој рече дека уметничните дела може да послужат и како еден вид карта за излегување од затвор. „Ако бидат фатени во вооружен грабеж или нешто друго, тие може да се искористат за преговарање.“


Елис рече дека украдените уметнички дела може да бидат осигурителна полиса за крадците. „Тие ги користат како пари за криминални дејства. Не можат да одат во банка, па затоа крадат имот. Тоа може да биде гаранција на црниот пазар“, додаде тој. Пратките на дрога или оружје може да се обезбедат со користење на украдени уметнички дела, нешто што е повредно од каков било чип од коцкарница.

Делата на Пикасо водат во продажбите на светската уметност скоро секоја година и редовно се продаваат за повеќе од 25 милиони американски долари. Во 2010 година тие достигнаа цена од 311,6 милиони американски долари, според француското претпријатие за истражување Артпрајс.
Од 2006 година пет дела на Пикасо се украдени од музеите, вклучително и во кражбата од 2010 година во Париз, каде што беа украдени дела во вредност од повеќе од 120 милиони американски долари. Помалку од 10 отсто од украдените уметнички дела се откриени, а властите знаат малку за тоа што се случило со нив.

На пат да го посети музејот, еден редовен посетител, Констандинос Маламис изјави за SETimes, „Не ме изненадува. Не ги чуваме работите што се скапоцени.“

 Текстот е преземен од Southeast European Times

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »