Петар Печков
Објавено: петок, 08 јули 2022
Во Велешко има 80-тина споменици, спомен обележја, спомен бисти, кои се посветени на борбите и загинати во НОБ. Ова го покажа проектот кој го реализираше Народен Музеј Велес, за во каква состојба се истите. Со него се опфатени и спомен обележјата во општините Градско и Чашка. Велес и велешко дале голем придонес во НОБ и затоа се подигнати толкав број спомен обележја.
„Од постојниот регистер утврдено е дека не постојат десет спомен обележја, бисти, спомен плочи. Постојните се во добра состојба. Но се забележува дека треба да се интервенира во текстот, тој со времето избледел, не е читок. Повеќето се поставени во првата половина на 80-тите години од минатиот век кога се добележувале 40 години од борбените дејствија на НОБ“ - вели Марин Клифов од Народен музеј Велес кој го реализираше проектот.
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура. Поголемиот број од спомен обележјата се на територијата на Општина Чашка, оти таму, партизанските одреди имале голем број дејствија и во знак на сеќавање се подигнати голем број споменици од времето на НОБ. Потребна е грижа за овие спомен обележја, бидејќи времето го прави своето.
„Во руралните области спомениците се добро сочувани,за разлика од градот. Тука има и кражби и некои се украдени или оштетени. Општините треба да ги преземат и раководат со нив, оти Музејот не е надлежен а во последната година Сојузот на борците не функционира, па тие сега се оставени на забот на времето и сеќавањата“- додава Клифов.
Во спомен обележја спаѓаат и спомен Костурницата на паднатите борци од НОБ во Велес, Спомен куќата на поетот и револуционер Коста Солев Рацин, како и петте спомен куќи во селото Горно Врановци во кои есента 1944-та, биле седиштето на највисоките партиски, државни и воени тела на веќе формирана Федерална Македонија.
Tweet |