Петар Печков
Објавено: петок, 27 февруари 2026
Во велешко во пораст е семејното насилство. Бројките од надлежните институции за 2025 година се зголемени отколку тие во 2024 година. Во велешката полиција лани имало 93 пријавени случаи, во 2024 - 76 а во 2023 -59. Во Центарот за социјални работи (ЈУМЦСР) Велес лани имале пријави за 86 случаи, во 2024 – 73 а во 2023 година 68. Податоците се однесуваат за општините Велес, Чашка и Градско.
„Не расте бројот на случаи, расте бројот на пријави. Жените се охрабруваат, сметаат дека не се сами, дека има институции кои водат грижа за нив, стојат зад нив и ова покачување на бројките е резултат на таа одлкука на жените да престанат да молчат“ – вели психологот Ангелина Димовска од Организацијата на жени на Велес, која работи со случаите на пријави од страна на жените.
Жртви се жените а има и мажи кои пријавуваат семејно насилство врз нив. Во ЈУ МЦСР Велес од 86 сторители 71 бил маж а во 15 случаи жени, додека жртви биле 91 лица -72 жени и 19 мажи. Лани во Шелтер центарот за згрижување на жртви од семејно насилство во Велес престојувало само едно лице, женски пол.
Податоците од полицијата се посурови. Во текот на 2025 година, на подрачјето на СВР Велес, биле констатирани вкупно 93 кривични дела од областа на семејно насилство, меѓу нив и едно убиство, на Росица Коцева од нејзиниот партнер. Според бројноста најмногу пријавени дела во полиција 42 биле телесна повреда при семејно насилство па 37 загрозување на сигурноста при семејно насилство. Според евиденцијата во СВР Велес, 80 кривични дела биле пријавени од жени, осум од мажи и пет од деца.
Во ОЈО Велес во текот на 2025 година се примени 80 кривични пријави за кривичните дела поврзани со семејно насилство. Од нив 34 се отфрлени со решенија бидејќи пријавителот се откажал од кривичното гонење а за девет предмети во тек е предистражна постапка.
„До надлежниот суд се доставени 37 обвиненија, при што се донесени осум одлуки со кои на обвинетите им е изречена казна затвор, 21 одлука со која се изречена алтернативна мерка - условна осуда, две решенија со кои на обвинетите им се изречена мерки на безбедност - задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, додека за другите поднесени обвиненија во тек е судска постапка“ – соопштија од ОЈО Велес.
Минатата година постапувајќи по кривичните пријави поврзани со семејно насилство, ОЈО Велес против две лица поднел и обвинение до Основен суд Велес и за кривично дело Демнење а во еден случај е донесена правосилна пресуда со ефективна затворска казна.
ОЈО Велес во 2024 имаподенсено 32 обвиненија во 20 случаи се изречени условни осуди а во три решенија за задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа. Во 2023 година состојбата била слична, од 24 одлуки на судијата 20 била изречена условна затворска казна, во три психијатриско лекување а во еден случај парична казна.
| Tweet |




