речник контакт

Во ОУ Васил Главинов опремена сензорна соба за учениците со попреченост

Во училиштето настава посетуваат 15 ученици со различна форма на попреченост

Петар Печков

Во основното училиште „Васил Главинов“ од Велес отворена е сензорна соба за учениците со попречености. Во оваа образована институција има најголем број на ученици во велешко, од оваа категорија.

„Во училиштето настава посетуваа 15 ученици со различна форма на попреченост,  пет се со аутизам,  од целиот град. Тоа е така оти имаме услови за нивен престој и држење на настава, ние сме најинклузивно училиште.   Имаме пристапна рампа и лифт за учениците со  телесна попреченост, адаптирани тоалети за учениците со попреченост.  Оваа соба беше неопходна за  учениците кои имаат било каков проблем со однесувањето, со концентрацијата“ - кажа Индова дефектолог во ОУ Васил Главинов.

„Отворањето на оваа  сензорната соба има огромно влијание  и е голем чекор во инклузивноста во основното образование.  Без разлика на степенот и видот на попреченоста со кое се соочува секое дете, ќе може максимално во една безбедна и стимулативна средина да ги оствари своите потенцијали и можности. Во оваа соба ќе се стимулираат различни сетила, се обезбедува визуелна, аудитивна, дактилна, вестибуларана стимулација. Се со цел да се стекнат знаења кои ќе му помогнат да напредува во училишните знаења и во социјалните вештини“ - рече Сања Ѓорѓиеска дефектолог во ОУ Васил Главинов.  

Сашко Чоков директор на ОУ Васил Главинов, изрази благодарност од Филип Иванов, пастор  на Евангелската црква, кој единствено се одѕвал на повикот од училиштето да се  опреми сензорната соба.

 „Училницата е опремена по најсовремени стандарди за учениците со попречености, кои се најранливата категорија во образованието. Како водечко училиште во општината но и пошироко за инклузија на овие  ученици, остануваме отворени за нивно образование по највисоки стандарди“- кажа Чоков.   

Филип Иванов, пастор на Евангелската црква, која ја опреми  сензорната соба, кажа дека ова е втора таква кој ја има опремена, првата била во Посебното основно училиште „Маца Овчарова“.

„Во ваков период, време на пандемија, на празници, собата е завршена за месец и пол, два. Промените се прозорите, вратите, опремена е училницата, вградена е дополнителна електрика.  Сите имаме  можност да придонесеме на ваков или друг начин, за инклузија на овие деца, за нивен растеж „ - кажа пасторот Иванов.

„Последните неколку години правиме исчекор во  инклузијата, вклученост во сите наши млади сограѓани во образованието.   Во трката по кровови, фасади, забораваме на потребите на нашите ученици и деца. Не треба никој да се почувствува маргинализирано“ - изјави   градоначалникот Марко Колев.

Во ОУ Васил Главинов има училница за индивидуална дефектолошка работа со учениците со атипичен развој и потешкотии во учењето. Таа е опремена со голем број асистивни уреди и апарати за ученици со оштетен вид и е една од трите во земјава, другите се во Битола и Тетово.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »