речник контакт

Во велешка болница се изведуваат операции на катаракта

Досега успешно ce оперирани 30 пациенти со примена на PHACO методата и вградување на интраокуларни леќи

Петар Печков

Два месеци на  Одделението за очни болести при Општата болница во Велес, се изведуваат операции на катаракта.  Тие започнаа на 28 јули  годинава. Досега се успешно оперирани 30 пациенти со примена на PHACO методата и вградување на интраокуларни леќи.

Катаракта или попозната народски како „перде“ се нарекува зматувањето на природната леќа во окото. Леќата е поставена зад зеницата и нејзината функција е поврзана со фокусирањето на погледот на различни далечини и добивање на јасна слика. Заматувањето на леќата води до разсејување на светлината, замаглување на видот и постепено намалување на истиот.

„За пациентите кои имаат потреба од ваква интервенција, процесот започнува со закажување преглед преку матичен лекар кај офталмолог преку системот „Мој термин“. По извршениот офталмолошки преглед и потврдување на дијагнозата, се спроведуваат дополнителни испитувања, меѓу кои преглед на очното дно, мерење на очниот притисок, ехографија на окото и други испитувања согласно проценката на лекарот.По комплетирањето на потребната предоперативна подготовка, во договор со ординирачкиот лекар се закажува оперативниот зафат“ – информира д-р Анамарија Џунџева портпаролка на ЈЗУ Општа болница Велес.

Операциите ги изведува прим. д-р Бисера Велковска од Универзитетската клиника за очни болести, и тие најчесто се организираат за време на викендите.

„Во текот на еден оперативен викенд најчесто се изведуваат од четири до шест операции. Пациентите се примаат во утринските часови, интервенцијата се изведува во текот на денот, а доколку постоперативниот тек е уреден, тие се отпуштаат истиот ден“ – дополни д-р Џунџева.

До крајот на годината се планира  да се реализираат околу 100 операции на катаракта кај пациентите на кои им е потребен ваков зафат.

Фото ЈЗУ Општа болница Велес 

АНКЕТА »

Каде го минавте летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »