Петар Печков
Објавено: петок, 05 април 2024
Откако градоначалникот на Велес Марко Колев го одби барањето на „Кепс маунт груп“ за добивање нова „Б“ еколошка дозвола, концесионерот на депонијата со згура поднел жалба до Општина Велес за оваа одлука.
„Б-интегрираната дозвола ја бараме врз основа на предходно доделена концесија за експлоатација на технигената минерална суровина и издадената дозвола за експлоатација. Со издавањето на дозволата за експлоатација, Министерството за економија дало согласност на предложените методи на експлоатација, кои не вклучуваат преработка на минералната суровина, а Министерството за животна средина и просторно планирање дало согласност на предложените Студија и Елаборат за животна средина, за кои има издадено решенија, а според кои сме обврзани да работиме. Барање за Б-интегрирана еколошка дозвола, не предвидува преработка на технигената минерална суровини, туку едноставен систем на откопување, дробење (доколку е потребно) и товарење за извоз на суровината“, соопштија од „Кепс маунт груп“.
Градоначалникот Колев, во образложението зошто не дозволува нова „Б“ еколошка дозвола, објасни дека причината е што се бара дополнителна активност, дробење и мелење на згурата.
„Сите дополнителни работи кои концесионерот ‘Кепс маунт груп’ ги бара сега, за разлика од првата ‘Б’ дозвола, кога бараше еколошка дозвола за ископ, сеење, утовар и транспорт и ја доби, фрлаат сомнеж дека ќе се наруши животната средина во Велес и дел од прашина ќе го загадува градот и жителите. Тоа не е добро за сите нас и врз основа на тоа под овие околности не потпишувам издавање на ‘Б’ еколошка дозвола“, кажа Колев.
Во јавноста во Велес се отвори и дилемата околу времетраењето на концесија која Министерство за економија ја издала на 3 декември 2018 и трае до 19 февруари 2026. Од друга страна, ако барателот „Кепс маунт груп“ добие „Б“ дозвола која е со период од 4 години, се јавуваат две години разлика, кои остануваат непокриени со концесија.
„Во однос на периодот на важност на концесијата, согласно Законот за минерални суровини, концесијата за експлоатација може да се продолжи доколку се докаже дека на просторот на кој е доделена концесија останати се доволно експлоатабилни резерви на техногената минерална суровина. Како одговорна компанија имаме намера да завршиме со експлоатацијата во најкус можен рок, доколку Општина Велес одговори позитивно по нашето барање“, велат од „Кепс маунт груп“.
Во претходните четири години, минорно е количеството кое се отстрани од депонијата тешка 1,8 милиони тони. Според податоците од Министерството за екеномија, се извезле само 500 тони, за што концесионерот на државата ѝ платил нешто помалку од 13.000 денари. Депонијата со згура е резултат на три децениската работа на велешката топилница и е богата со олово и цинк.
Tweet |