речник контакт

Во оваа 2014, Евреите ја слават 5775, Кинезите 4712, Индусите 2071, а Муслиманите 1436 Нова година

Времето и Новата година луѓето ги бележат според свои календари кои имаат корени во нивната етничка и религиозна историја. Таков е случајот со Евреите, Кинезите, Индусите и Муслиманите

Петар Печков

Најстариот познат запис за прослава на Новата година датира околу 2000 години п.н.е во Месопотамија. Во Римското царство Новата година отпрвин се прославувала во месецот мартиус, именуван според богот на војната Марс.

Во средниот век христијаните во Европа Новата година ја славеле различно на 1-ви и на 25 март, на 1 септември и на 25 декември.

Први јануари, како општоприфатен почеток на Новата година, дефинитивно бил устоличен во 1582 година со воведувањето на Грегоријанскиот календар, со исклучок на Русија и Англија кои тоа го направиле во 1700, односно во 1753 година.

Рош Хашана - Еврејска 5775 Нова година

Еврејскиот календар е базиран на комбинација на соларното и лунарното сметање на времето. Еврејската година има 12 месеци по 353, 354 и 355 дена во обичните и 383, 384 и 385 дена во престапните години.

Евреите ги бројат годините од датумот кога, според нивното верување, бил создаден светот, и на 24 септември во Грегоријанската 2014 година ќе ја прослават еврејската 5775 Нова година. 

Рош Хашана или почетокот на еврејската Нова година се прославува на првиот и вториот ден од седмиот хебрејски месец Тишри. Во зависност од соларниот календар, празникот се слави во септември или во октомври.

Рош Хашана е единствен еврејски празник што се слави два дена, што укажува на неговото значење. Непосредно пред празникот луѓето се капат, се потстрижуваат, подготвуваат свечена облека, а децата добиваат подароци. Десет дена по Рош Хашана се одбележува Јом Кипур, ден на помирувањето и откупувањето на гревовите. Во периодот меѓу двата празника религиозните Евреи ги самооценуваат своето постоење, постапки, направените грешки во претходната година и прават планови за новата година.

На Рош Хашана традиционално се свири на инструментот шофар направен од рог од овен. Шофарот се огласува по стопати за време на двата празнични дена, а секој тон има свое значење. На привот ден е обичај да се оди на поток или на река, каде што ќе се испразнат џебовите од облеката што симболично значи отфрлање на гревовите.

Рош Хашана е еден од четирите новогодишни празници на Евреите.

Според Талмудот, еврејската света книга, првото новогодишно одбележување е Нисан (март или април) кога се прославува оформувањето на Евреите како слободна нација. Втората прослава е Елул (август) нова година за давање арач во животни. Шеват (февруари) е третиот новогодишен еврејски празник со кој им се одава почит на дрвјата, особено на оние што даваат плодови. Последниот новогодишен празник е Рош Хашана - одбележувањето на создавањето на светот.

Кинеска 4712 Нова година - Година на Коњот

Кинескиот календар датира од околу 2600 година п.н.е и е базиран на астрономски набљудувања на движењето на Месечината и на Сонцето.

Кинеската лунарна година е составена од 12 месеци по 29,5 дена и за да ја следи природната соларна година на секои две и пол години се додава по уште еден месец, поради што кинеската Нова година секогаш се прославува на различен датум. Времето според кинескиот календар се смета во циклуси од по 12 години од која секоја носи име на животно. Според легендата, Буда пред да замине од Земјата ги викнал сите животни за да се прости.

Само 12 животни дошле да го поздрават, за што тој како награда им посветил по една година. Првата година ја нарекол според стаорецот кој прв дошол да се поздрави, втората по волот, а по нив следуваат тигарот, зајакот, змевот, змијата, коњот, козата, мајмунот, петелот, кучето и свињата. 

Постои дилема околу сметањето на годините од кинескиот календар. Според традиционалното народно верување, времето почнало да се мери од 2698 година п.н.е што значи дека во 2014 година Кинезите ќе ја прослават нивната 4712 година - година на Коњот. 

Кинеската Нова година, позната и како Пролетен фестивал, почнува на денот на првото годишно раѓање на новата Месечина, што во Грегоријанската 2014 година ќе се случи на 31 јануари. Новогодишните празнувања траат 15 дена и завршуваат со т.н. Фестивал на лампиони.

Прославата традиционално е проследена со религиозни церемонии во кои им се одава почит на Земјата и на Небото, на домашните богови и на предците. Новата година Кинезите ја пречекуваат на семејна трпеза. Целата куќа мора да биде исчистена пред новогодишните празници, кога од домот се отстрануваат сите метли, четки и други средства за чистење. Чистењето за време на Новата година се избегнува поради верувањето дека со тоа ќе биде исчистена среќата на семејството.

Пред Новата година треба да бидат исплатени старите долгови, а на самиот ден ниту се бара, ниту се дава заем. Секој се труди да не изговори лоши зборови поради верувањето дека тоа носи лоша среќа, а спомнувањето на смртта или на духовите е табу. Кинезите веруваат дека ако некој плаче за Нова година, ќе плаче цела година, и затоа на новогодишната ноќ децата се толерираат максимално.

Огнометите се традиција во прославувањето на Новогодишната ноќ, кога, според кинеските обичаи, вратите и прозоците треба да се остават отворени за старата година да може да си замине.

Дивали - Индуска 2071 Нова година

Индусите на 23 октомври 2014. ќе ја прослават нивната Нова 2071 година. Индуската Нова година почнува со празникот Дивали, познат уште и како Фестивал на светилките, којшто вообичаено се прославува во втората половина на октомври или во првата половина на ноември.

За потеклото на Дивали постои индуска легенда од северна Индија, според која почетоците на празникот се врзуваат за кралот Дашарта, кој имал три жени и четворица синови, меѓу кои и Рама. Една од неговите жени сакала нејзиниот син Бхарат да го наследи кралот, но и покрај нејзините настојувања, Дашарта решил негов наследник да биде Рама. Тоа ја налутило мајката на Бхарат и таа го протерала Рама во 14-годишно прогонство. 

Прогонетиот Рама избегал во јужна Индија каде што при една борба го убил Равана, господарот на демоните по што со својата жена Сита се вратил во Кралството на Дашарта. Токму неговото враќање во северна Индија го претставува Дивали, којшто се прославува пет дена и симболично ја означува победата на доброто над злото.

Китењето на домовите со свежо цвеќе, облекувањето во свечена облека, одењето на гости кај роднините и пријателите, постот, огнометите и играњето карти се вообичаен ритуал при одбележувањето на почетокот на индуската Нова година.

Постојат разлики во одбележувањето на Дивали во различни делови на Индија, но сепак, заеднички се малите ламби на масло што за време на празникот горат во домовите во цела Индија. Ламбите ја означуваат победата на светлината, добрината и на знаењето над темнината, злото и незнаењето.

Муслиманска - Хиџретска 1436 Нова година

Муслиманите го сметаат времето според исламскиот Хиџретски календар, кој има 12 месеци, а почетокот и крајот на годината се одредуваат според месечевите фази..

Муслиманите ги бројат годините од Хиџра во 622 година од Грегоријанскиот календар, односно од моментот кога пророкот Мухамед со своите следбеници заминал од Мека во Медина. Според Куранот, Мухамед решил да замине во Медина поради силниот притисок и тортура што врз него го вршеле неговите непријатели во Мека каде што дури се планирало и негово убиство. Во последен момент Мухамед заминал и се засолнил во една пештера чиј влез по неговото влегување бил прекриен со пајакова пајажина. Кога неговите гонители ја виделе неоштетена пајажина на влезот на пештерата се откажале од потерата, по што Мухамед избегал во Медина каде што бил срдечо пречекан. 

Хиџра е официјален календар во Саудиска Арабија и во повеќе други исламски земји. Муслиманската година е пократка од грегоријанската бидејќи нејзините месеци имаат по 29 или по 30 дена. Годината според овој календар има 354 дена, поради што муслиманската Нова година секоја година се одбележува 11 дена порано од претходната.

Муслиманската Нова 1436 година ќе почне на 25 отомври според Грегоријанскиот календар, вообичаено со првото појавување на младата Месечина.

Традиционално, муслиманите ја пречекуваат Новата година во кругот на семејството, а во одбележувањата доминираат сцени и приказни за заминувањето на Мухамед од Мека во Медина. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »