Петар Печков
Објавено: среда, 13 ноември 2024
Неколку денови, велешани не знаат каков е квалитетот на воздухот што го дишат, загаден или не. Во периодот на голема загаденост на воздухот во другите македоснки градови, за Велес податоци нема, каков воздух дишат велешани.
Од 9-ти ноемвири денот на ослободувањето на Велес, мерната станица на Министеството за животна средина (МЖЗПП) не ги покажува вредностите на интернет страницата. Претходно од осум дена од почетокот на месецов, во четири, вредностите биле над границата од 50 мг на м3.
„Од 9-ти ноември поради проблем со уредот за превземање на податоци во мониторинг станицата за квалитет на воздух Велес 2, нема можност да се воспостави комуникација со базата за собирање на податоците и заради тоа податоци за измерените концентрации на загадувачките супстанци не се прикажуваат на порталот за квалитет на воздух“ – соопштија од Министерството.
Додаваат дека сервис- инженерите работеле на отстранување на проблемот и дополнително ќе информираат за тежината на дефектот и можноста за негово отстранување.
И локалната власт и еколошките граѓански здруженија неколку години бараат во Велес уште една мерна станица, бидејќи постојната е единствена и лоцирана е во новиот дел на градот, во дворот од детската градинка во населба Тунел.
Жителите имаат потреба од мерења на воздухот во стариот дел на градот, каде најголемиот дел од семејствата и домовите се греат на дрво. Според истражувањето на Општина Велес од пред седум години, 65 отсто од загадувањето во градот е резултат на домаќинствата, па сообраќајот а најмалку е на индустријата. Во време кога работеше Топилница, во Велес имаше пет мерни станици, дел државни дел општински.
Tweet |