Петар Печков
Објавено: недела, 02 април 2023
Велешанец смртно настрада во неговиот дом утрово, откако пожар ја зафанал собата во која спиел. Според полицијата и обвинителството починатиот е идентификуван како Димче Николов, викан Хосот, на 67 годишна возраст, според пронајдените документи во просторијата.
Пожарот се случил во населба близу Железничката станица во Велес, на ул. Васа Кошулчева бр.2, во куќа која е на 50 метри оддалечена од противпожарната единица. Повикот за пожар бил примен во 5,10 ч а огнот ликвидиран во 5,30 ч.
„На лице место е излезена екипа од шест пожарникари со едно возило. Затечен е пожар во разгорена форма кој за дваесет минути е ликвидиран. Во куќата е пронајдено тело“ - кажа Димче Јованов командир на вод во ТППЕ Велес. На местото на настанот дошла екипа на итната помош, која констатирала дека е починато непознатото лице.
Соседите беа изненадени дека во соседството изгорел човек, во огнот кој ја зафатил собата каде тој спиел. Никој од нив ниту нешто видел ниту нешто слушнал, во периодот кога огнот е регистриран од страна на возач во блиската фурна. Кажаа дека Николов живеел сам, мајка му починала пред некоја година, во куќата немало електрична енергија и живеел од социјално.
„После полноќ се разбудив поради лошата миризба, реа која се ширеше. Станав излегов во дворот,имаше многу непријатна миризба но немаше пламен, не се гледаше дека нешто гори. Не се забележа дека има пожар, оган, еве и сега од надвор на куќата нема траги од пожарот“ - вели Ванчо Василев, сосед.
Ова е втор случај на пожар со смртни последици за две седмици во Велес. Од огнот кој зафати два семејни објекти, смртно настрадаа двајца велешани.
Tweet |