Петар Печков
Објавено: петок, 19 декември 2014
Велешани во редица, треперливо чекаа за да купат билети за првата премиера во новиот објект на театарот. Билетарницата се отвори во 18 часот а првите заинтересирани беа пред неа половина час порано. Редицата долга десетина метри и стотина љубители на театарот, сакаа да присуствуваат на историскиот момент. Првиот билет го купи Панче Ќурчиев, кај велешани познат како Пампикот
Со театарот сум од 1951-ва година, верен гледач, немам пропуштено ниту една претстава. Раснев со него и затоа не жалев време, на овој студ да дојдам и купам влезница - вели Панче. Тој за постарите актери кои се дел од историјата Терзиев, Гравчев, Ѓоргиев подготвил и мал подарок, кој ќе им го предаде по премиерата. Заинтересираните не ги поколеба ништо, за да застанат во редица и набават влезница.
Сакав да бидам дел од публиката на овој голем момент. Љубител сум на театарот, доаѓам редовно и не сакав да го пропуштам овој миг - рече Трајче Јанковски. Во редицата имаше и помлада и повозрасна публика кои чекаа во редица, иако температурата беше ниска. Сите со иста желба, да ја видат претставата ,,Најважната работа на светот,,.
Ова е свечен момент и за театарот и за градот. Очекувам дека во театарот ќе има подобри услови за работа на актерите, за публиката - рече Атанас Крлевски кој во редица чекаше заедно со сопругата. Секој од нив можеше да купи по две влезници, цената на еден билет е 200 денари а имаше за сите три дена, сабота, недела и понеделник.
Претставата ,,Најважната работа на светот,, е во режија на Љубиша Ѓоргиевски работена по текст на Братислав Димитров а во неа настапува целиот ансамбл на велешки театар, и како гости Благоја Чоревски, Зоран Љутков и Ирена Ристиќ. Со неа свечено, утре сабота во20ч. ќе биде отворена новата зграда на велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,,.
Tweet |