Петар Печков
Објавено: четврток, 12 јануари 2012
Јован Вранишковски останува во затворот Идризово, откако Апелациониот суд од Скопје ја прифатил жалбата на велешкото обвинителство.
Со оваа одлука укинато е решението за повторно судење и постапката е вратена на повторно одлучување пред Основниот суд во Велес. Според добиените напатствија од Апелација, судот треба да констатира кога разрешениот владика на МПЦ дознал во отсуство за пресудата со која тој беше осуден на 2,5 години затвор и обврска да врати 15 милиони денари плус камата, за кривичното дело затајување.
Вранишковски се обиде да влезе во Македонија на 12 декември на граничниот премин Меџитлија, но веднаш беше уапсен бидејќи се бараше со меѓународна потерница и испратен да отслужува казна затвор во Идризово. Јован беше притворен во Бугарија откако таму беше уапсен на 16-ти ноември 2010 при обид да мине од Грција за Србија а беше баран со меѓународна потерница од страна на македонското правосудство.
Дилемата кај судиите била дали пресудата е врачена до 12 декември 2010 година кога бил во притвор, бидејќи Вранишковски влезе во Македонија на тој ден една година подоцна, а за тој период од една година таа станува правосилна и не може да се жали. Од друга страна, судските органи ќе мора најдоцна до јуни годинава да го завршат повторното судење во неговиот случај.
Ова, заради фактот што доколку процесот не заврши дотогаш, ќе настапи застарување на кривичното дело бидејќи во тој период ќе изминат десет години откако е сторено кривичното дело за кое е обвинет поранешниот велешки владика, кој потоа стана дел од Српската православна црква.
Tweet |