Петар Печков
Објавено: петок, 30 ноември 2018
Со писмено соопштение, објавени на нивниот ФБ профил, ГРК Борец објави дека се откажува од настапот во Супер лигата. Причините се финансиски, немаат пари да го продолжат натпреварувањето.
Поради неисполнување на обврските кон играчите и стручниот штаб, од страна на сопственикот односно Општина Велес, и покрај огромните напори и вложување на самите играчи и стручниот штаб за непречена работа и функционирање, од самиот сопственик на клубот има голема незаинтересираност за одржување на клубот во непрекинато функционирање. Поради овие причини одлучено е да се прекине со натпреварување во сите категории. Пред почетокот на натпреварувачката сезона 2018/2019 имаше најава од Општина Велес дека ќе се обезбедат спонзори и средства за непрекината работа и функционирање, веќе 4 месеца немаме најава за спонзорства и подмирување на обврските кон нас кои максимално се залагавме и се залагаме да го одржиме клубот во добра кондиција и покрај тешката финансиска состојба. Сакаме да ја известиме јавноста дека секојдневно пристигнуваат тужби на адреса на клубот за неподмирени обврски кон фирми,ангажирани лица и играчи. Доделените финансиски средства се искористуваат за исплата на тужби од фирми и играчи кои имаат доспеани побарувања, и со самото тоа не остануваат средства за продолжување на тековната работа - пишува во писменото соопштение.
Пред почетокот на првенството на Супер лигата УО го откажа настапот на екипата во Супер лигата. По ова се јавија младите ракометари кои најавија дека ќе играат се со цел клубот да не биде суспендиран и вратен во Втора лига. Но пред завршувањето на есенскиот дел во кое од 11 натпревари имаа исто толку порази, младите ракометари немаат повеќе сили за настап па и тие кренаа раце, кога нема средства и пари за настап. Викендов требаше да гостуваат во Охрид на истоимената екипа.
Од Општина Велес изјавија дека сите 1,5 милиони денари средства за работа на клубот, предвидени со Буџетот за оваа година се исплатени пред време, пред декември. Жалат што наместо за младите ракометари заминуваат за тужби. Затоа се подготвени со дополнителни средства да се реши проблемот со тужбите, поточно спогодбено да се решат тие спорови.
Tweet |