речник контакт

Градоначалникот Колев нема да издаде „Б“ еколошка дозвола за Кепс Монт груп, оти предвидуваат дробење и мелење на згурата

3а разлика од првата „Б“ дозвола, кога Кепс монт груп бараше еколошка дозвола за ископ, сеење, утовар и транспорт и ја доби, со новата бараат дробење и мелење, што фрлаат сомнеж дека ќе се наруши животната средина во Велес и дел од прашина ќе го загадува градот и жителите- кажа Колев

Петар Печков

Барањето за „Б“ еколошка дозвола на Кепс Монт груп, градоначалникот Марко Колев нема да го потпише, додека во него има постројка за дополнителни активности  за дробење и мелење. Ова тој го кажа на седница на Советот на Општина Велес,  на која точка беше Информацијата за постапката за доделување на „Б“ еко- дозвола.

„Консултирав голем број експерти, од Велес, од Македонија, од странство кои се бават, работат со оваа проблематика.  Грешката е направена одамна, да не се третира како суровина, туку како  опасна материја, како што ме случајот во ОХИС со линданот, каде државата дава средства за да се отстрани.  Сите дополнителни работи кои концесионерот Кепс Монт Груп ги бара сега, за разлика од првата „Б“ дозвола, кога бараше еколошка дозвола  за ископ, сеење, утовар и транспорт и ја доби, фрлаат сомнеж дека  ќе се наруши животната средина во Велес и дел од прашина ќе  го загадува градот и жителите. Тоа не е добро за сите нас и врз основа на тоа решив, под овие околности да не потпишувам издавање на „Б“ еколошка дозвола“ - кажа Колев.  

Но тој остави простор доколку концесионерот Кепс Монт груп од актуелното  барање ја  изостави постројка за дополнителни активности  за дробење и мелење, туку само за ископ, сеење, утовар и транспорт,  тогаш би дал „Б“ дозвола. Кажа дека овој негов став не бил донесен денес, туку повеќе денови наназад и за тоа знаеле вработените од одделението за животна средина. Но затоа не пропушти да се одбрани од нападите кои изминатиот период биле кон него.

„Јас немам никаков документ потпишано. Министерката за животна средина Шукова, на 31 мај лани  дава позитивно мислење, решение  за инсталација на машина за дробење и мелење на згурата во месноста Баш Колиба, врз основа на што концесионерот бара „Б“ дозвола со зголемени работни дејствија“ - рече Колев.

Присутниот претставник од Министерството за животна средина, гостин на оваа седница, кажа дека тие го дале тоа мислење, одговориле позитивно на барањето на Кепс монт груп за инсталација на машина за дробење и мелење на згурата.  

На седницата се отвори  и дилемата околу времетраењето на  концесија која  Министерство за економија  ја издала на  3 декември 2018  и трае до  19 февруари 2026,  со периодот  ако барателот добие  „Б“ дозвола која  е со период од 4 години, при што се јавуваат две години разлика.  

Кога првата „Б“ интегрирана дозвола беше дадена, во тоа време и локалната власти и градоначалникот, екологистите еуфорично ја прифатија без критично осврт.

Но остана дилемата што тогаш ја постави ТрМр, како и колку ќе влијае врз здравјето на велешани, секојдневно четири години да се превезуваат по 50 камиони на ден низ градот, полни со згура. што исто така предизвикува загадување. Тогаш концесионерот објасни дека камионите  ќе бидат прекриени со церада и така нема да има загадување, додека тие возат низ градот.  

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »