Петар Печков
Објавено: вторник, 17 август 2021
Градоначалникот Аце Коцевски се извини што одреден период од месец август, не се собираше отпадот во Велес, но и за пожарот на депонијата за смет, поради која велешани два дена се гушеа во чад.
„Би сакал во име на ЈКП Дервен и мое име, да се извинам на граѓаните и правните субјекти за нередовното празнење на контејнерите со смет и заради настанатиот пожар на депонијата за комунален отпад, поради што дојде до нарушување на квалитетот на воздухот во градот, со ПМ 10 честички“ - кажа градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Тој објасни дека неколку дена не се собирал сметот во градот а како причина го наведе пожарот на депонијата. Поради него вработените од комунална хигиена, биле ангажирани за гаснење на пожарот и физички не можеле да работат две работи. Згора на тоа имало лица кои биле на одмор а некои поради топлотниот бран биле ослободени од работа.
Последен пат депонијата горела на 20-ти август 2018-та. Таа е нестандардна и при опожарување огнот подолго трае. Таа изминатите денови гореше во неколку наврати, прво на 27-јули, па на 3-ти август повторно. Согласно обврските наложени од Државниот инспекторат за животна средина, таму сега има 24 часовен надзор а на ЈКП Дервен е изречена парична казна од три илјади евра.
Tweet |