речник контакт

Градскиот стадион во Велес се руинира а сопственик нема

Некогашната гордост на велешани,Градскиот стадион, денес е срам и грда слика на градот. За него нема кој да се грижи, бидејќи тој е сечиј и ничиј,

Петар Печков

  Празен, напуштен, обраснат со трева таков е Градскиот стадион во Велес. Освен што е пуст тој и за малку мината посетители е опасен по животот, бидејќи почнува да се руши, оградата на паѓа а тартан патеката е со дупки големи  како кратери. Некогашната гордост на велешани, денес е срам и грда слика на градот. За него нема кој да се грижи, бидејќи тој  е сечиј и ничиј, го користи  секој кој има потреба, но за него никој не се грижи.

Ова е страшно што се случува на стадионот, неодамна падна  дел од ѕидот кој го обиколува. Тоа е шеста дупка во него и повеќе личи на швајцарско сирење отколку на заштитна ограда, која и онака нема од кого и што да штити. При неодамнешното невреме паднаа и стебла на атлетската патека. Добрата вест е што немаше повредени, бидејќи на него доаѓаат поединци да трчаат или тука седиме постарите на муабет и  убава природа – вели  Добре Николов некогашен голем навивач на велешки ФК Борец, кој сега со носталгија доаѓа на Градскиот стадион да го мине слободното време.

Тој е тука со неговите пријатели, кои потсетуваат дека тука на прволигашките натпревари на Борец во Македонската фудбалска лига се собирале до три илјади гледачи. Стадионот го држи и македонскиот рекорд за најголема посетеност на еден ракометен натпревар во земјава, кога на него во далечната 1967 пролетта против Партизан Бјеловар на него се собрале околу 10 илјади гледачи.

Денес, малку мината  кога минуваат покрај ѕидот, мораат со главата горе да внимаваат да не се случи нов одрон и да повреди некого од посетителите. Рекреативците пак немаат потреба да трчаат 3000 метри стиплчез со вештачки пречки, на патеката ги има и премногу природни. Првата и тогаш единствена тартан патека во Македонија, изградена 1978-та, сега е тажна приказна на транзицијата, со огромни дупки па таа повеќе личи на крпеница отколку патека за атлетски трки, кои за волја на вистината не се одржуваат  на неа со години. Нема многу ни фудбал, а тој што го има е опасен по здравјето на играчите.

Теренот е катастрофа, ако паднеме, наместо како на земја, се чувствуваме како да сме паднале на бетон, толку е тврд, како камен е. Згора на тоа во зградата каде се соблекуваме, нема одамна струја и вода. Замислите како ни е по натпревар или тренинг, кога мораме да си заминеме каливи и бербатни. Зимоска кога беше краток денот, се случуваше со светло од мобилките само да се пресоблечеме и да си одиме. Ете таква е состојбата со Градски – вели фудбалер на Борец.

Прашањето за Градскиот стадион е долго присутно во велешката спортска јавност поради што во неговото решавање се вклучи и  локалната власт, општина Велес.

Во повеќе наврати се имаме обратено до надлежните служби да преземат конкретни мерки. Треба  се изврши и рушење на оградниот ѕид, бидејќи тој е опасен по минувачите, но за жал досега не се превземени никакви активности, ѕидот се руши, патеката се уништува, објектот нема струја ни вода – велат од општина Велес.

Од таму објаснуваат дека Градскиот стадион е сопственост на државата, на Република Македонија. Од друга страна од ЈП за стопанисување со спортски објекти и од Агенцијата за млади и спорт креваат раце, Градскиот стадион не е во нивно владение, изјавија надлежните од овие државни институции и тие не можат ништо да направат за објект, со кој не стопанисуваат. И додека се чека да се преземе нешто за да не се руинира стадионот, него времето го уништува а  надлежните  го заборавиле.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »