Петар Печков
Објавено: среда, 18 август 2021
Гран при наградата на Фестивалот на античка драма „Стоби“ ја доби претставата „Бакхи, краток преглед на распадот“ на Битолски театар. Уште две награди на годинашниот ФАД доби истата претстава - за најдобра режија - Игор Вук Торбица и за најдобра женска улога- Викторија Степановска Јанкуловска.
Наградата за најдобра машка улога во претставата „Орестија“ копродукција на велешки театар и Националната опера и балет ја доби Зоран Љутков, кој иако со години настапува на фестивалот, но бидејќи беше и дел од организација, се изземаше од конкуренција, па така годинава за прв пат е добитник на награда. Ова беа одлуките на жирито во состав Васил Зафирчев, Кети Борисовска актери и Роза Трајчевска- костимограф. Наградените добија дијамант.
„Рамно на античка трагедија е тоа што вечерва не можам да бидам во Велес, на доделувањето на наградите. Се надевам дека нема некоја група од калибарот на „Пинк Пантер“ да ја пресретне славеничката екипа по пат за дома, за Битола и дијамантите ќе стигнат до тие што им припаѓаат“ порача во пишана форма Иван Јерчиќ, директорот на Битолски театар.
Со истата претстава, апсолутен победник, како во Велес, Битолскиот театар беше и пред две години на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. На Фестивалот на античка драма „Стоби“, кој го организираше велешки театар, се одиграа шест престави во конкуренција за наградата.
Во емотивното обраќање по добивањето на наградата, актерката Илина Чоревска му се заблагодари на режисерот Игор Вук Торбица, кој починал пред една година.
„Моја голема тага е што Игор не е вечерва со нас тука. Драг мој Игор Вук Торбица, ти благодарам за „Бакхи“, ти благодарам што знаеше да ги споиш луѓето, и длабоко се поклонувам пред тебе и твоето режисерско знаење и пред твоите прекрасни детски очи“ - порача актерката Илина Чоревска.
Игор Вук Торбица (Титов Дрвар 1987- Ровињ 2020) е театарски режисер, кој има соработувано со професионални театри и од Белград, Љубљана, Загреб.
Во чест на победниците се одигра претставата „Отело“ копродукција на Македонскиот народен театар од Скопје и Босанско Народно Позориште од Зеница - Босна и Херцеговина.
Tweet |