Петар Печков
Објавено: понеделник, 19 август 2024
Измамници мамат по различни основи, ветуваат евтини добра, приказни на кои наседнуваат граѓани од различни возрасти. Така деновиве во полиција се пријавени два такви настани. Во првиот е оштетен жител на велешко село за набавка на техника за 250 илјади денари а во втората пензионер за набавка на огревно дрво. Деталите од информацијата на СВР Велес.
„На 16 август во СВР Велес 47-годишен жител на велешко село пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 251.110 денари. Според пријавеното, на 29.07.2024 преку мобилна апликација лицето се договорило со него за набавка на бела техника. Како што е пријавено, договорената стока била испратена во Скопје - Чаир и била преземена од друго лице, но парите не му биле исплатени во договорениот рок и после една недела лицето веќе не било достапно, по што сфатил дека е измамен“ – информираа од СВР Велес.
„На 15 август во 16.10 часот во СВР Велес, 76 – годишен велешанец пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 18.000 денари. Според пријавеното, лицето дошло во неговиот двор и му понудило да му продаде шест кубни метри огревно дрво по цена од 3.000 денари за кубен метар. Како што е пријавено, откако му ги дал парите лицето му кажало дека ќе оди да ги товари дрвата, по што заминало и не се вратило“ – соопштија од СВР Велес.
Полицијата презема мерки за расчистување на двата случаи.
Tweet |