речник контакт

Даниела Иванова добитник на наградата за нај студент, Ѓорги Шоптрајанов

Таа е трета година на Технолошко-металуршкиот факултет Скопје, насока инжинерство на материјали и нано технологија, со просек 10

Петар Печков

Дали е тешко да се биде најдобар студент? Како ти успева? 

Мислам дека кога го студираш она што го сакаш и го даваш максимумот, епитетот „најдобар" доаѓа сам по себе. Во секој случај, студирањето на техничките науки е далеку од лесно. Навистина е потребно големо вложување на труд и посветеност за успешно студирање. Конкретно, самата наука за материјалите, а воедно и наноматеријалите е огромна научна област. Предметите што се изучуваат се дисциплини од посебните науки, металургија, керамика, полимери и композити, кои навистина бараат вложен труд за да бидат совладани. При изучувањето интересен е фактот дека секој од предметите обработува различни материјали, различни технологии, а истовремено се пронаоѓа и аналогија меѓу нив. Сметам дека навлегувањето во науката за материјалите бара дополнително надградување и дообразување и надвор од границите на формалното образование. Затоа се трудам постојано да бидам во тек со најновите откритија за материјалите со нови супериорни својства. Кога ќе се присетам на изминативе две години, сфакам дека полагањето на предметите го поистоветив со научување, водена од интересот и љубовта кон науката. Мојата пасија оваа област на студии потекнува уште од основно и средно училиште, од моите афинитети кон природните науки како хемија, физика и математика. Оттука произлегуваат интересот, мотивацијата и посветеноста како клучни елементи кои се одговорни за мојот досегашен успех. 

Како е да се учи за нанотехнологии на ТМФ? 

Студирам на новата насока Инженерство на материјали и нанотехнологии при Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Моментално сум трета година и за време на моето досегашно студирање имам остварено просек од 10.00. Како дел од првата генерација на овој смер, засега сум многу задоволна од начинот на кој се пренесува науката за материјалите и примената на истите. 

Што е она што најмногу ти се допаѓа во текот на студиите на ТМФ? Дали имате добри услови за практична настава? 

 За студирањето на ТМФ најмногу ми се допаѓа фактот за одличната комуникација меѓу студентите и професорите. Веќе во втора година, студентите на ТМФ се поделени според своите насоките и наставата се одвива во релативно помали групи. Таквиот начин овозможува значително подобро совладување на материјата и поопуштена атмосфера за работа. Професорите се секогаш отворени за да им помогнат на студентите, како во поглед на материјалот што се изчува така и за развивањето на амбициозните и успешните студенти. Една од предностите при студирање на ТМФ, е и можноста на студентите да учествуваат на државни и меѓународни конгреси и настани, преку наставниот кадар на факултетот. Моето прво учество беше неодамна, на XI Студентски конгрес по чиста и примената хемија на СХТМ (XI Students’ Congress of Pure and Applied Chemistry оf SCTM) на 24-25 Септември 2015 во Скопје, на тема “Механичка активација на нано алумина”(“Mechanical activation of nano alumina”). Исто така, постерот за овој научно-истражувачки труд беше изложен на саемот ТЕХНОМА 2015, во периодот од 13 до 17 Октомври, во делот на млади истражувачи на саемот во Скопје. Тука можам да го најавам учеството на Меѓународниот конгрес на студентите на технологија X „Јас сум технолог на иднината (“Međunarodni skup studenata tehnologije X „Ja sam tehnolog budućnosti“), во периодот од 1 до 6 Ноември, во Нови Сад, Србија. Овои учества ми се огромен поттик во моето понатамошно образование и напредок. Најдобра позитивна работа при студирање на ТМФ е изучувањето на науката преку практична настава, односно чести лабораториски вежби. Условите за практична настава релативно соодветстуваат на потребите на факултетот, но сепак има простор за подобрување. Она што мене најмногу ми се допадна е фактот дека факултетот континуирано одржува добра соработка со компаниите во Република Македонија. Согласно со Законот за високо образование, студентите на ТМФ се обврзани да имаат практична настава, најмалку 30 дена низ текот на летниот период, што овозможува постепено да се стекнеме со знаења за практичниот дел, и да направи аналогија со теоријата. Фирмите за пракса се од различни области на индустријата, и при престојот имаме можност да се запознаеме со самиот процес, практичните проблеми и решенија. Јас, летната стручна пракса ја реализирав во ДПТУ“Хемија Комерц“ ДООЕЛ Трајче, Велес, каде што директно се запознав и истражував во областа на керамиката, конкретно за метод на шликерно одливање како метод за формирање на керамички маси. Исто така присутни се и теренските настави, кои се одвиваат во разни индустрии и лаборатории, и се со една цел - да се види процесот на производство и изработка, кои се клучни елементи за било кој технолошки процес. 

Дали планираш во иднина да живееш овде или пак, во странство, какви ти се плановите? 

Како студент на насоката Инженерство на материјали и нанотехнологии, изучувајќи ја науката за материјали која е во постојан забрзан развој, пред мене се предизвиците за изучување и истражување како во областа на новите современи материјали, така и во областа на веќе постоечките традиционални материјали. Засега имам желба кон научно-истражувачките дејности, за која сметам дека е поостварлива во поразвиените европски држави. Но, од друга страна сметам дека Македонија има потреба од инженери технолози за кои нуди можности за кариерен развој во индустријата. Сепак, засега моите планови се однесуваат на продолжување на континуитетот на досегашното студирање и диплломирањето.

 текстот е преземен од: fakulteti.mk 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »